Ќе ја мобилизираме целокупната француско-македонска поддршка, особено по добивањето на позитивната препорака во извештајот од Европската Комисија за Македонија, и полека ќе навлеземе во нова фаза на соработка, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние. Тој во Битола дојде на комеморација за Првата светска војна со двајцата пратеници од Собранието на Република Франција, и тоа Бертан Сор кој е претседател на Групата за француско-македонско пријателство и заменик претседателот Грегори Галбадон.
„Ги споделуваме истите чувства и волја Македонија да биде што побрзо дел од Европската Унија. Работиме на пречекот на Македонија во Европската Унија, а за да биде пречекана тоа се спроведува преку зајакната соработка на Собранијата на двете земји. Имавме средби, бевме пречекани во Собранието на РМ, се сретнавме со претседателот и со сите членови на пратеничката група која е надлежна за соработка со француското Собрание. Разговаравме за размена на практики низ Собранијата и за начинот на кој се спроведува демократијата. Политиката е еден голем политички компромис, и во Франција, како и во Македонија постои опозиција, но треба освен меѓусебните конфронтации да знаеме заеднички да соработуваме и да ја спроведуваме демократијата за да можеме да воспоставиме позајакната соработка меѓу Собранијата на двете земји”, рече Сор.
Францускиот амбасадор Тимоние најави и засилена соработка со Битола.
„Ќе ни престојат голем број на соработки, но и напори за да видиме што поголем број на француски претпријатија што поприсутни во Битола и поголема културна соработка со Битола. Високи француски делегации ќе ја посетат Битола зашто е град кој ни е при срце”, рече Тимоние.
Се очекува на крајот на мај министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министер од Франција да го пуштат во употреба Музејот за Првата светска војна на Француските гробишта во Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА