На новогодишната прослава на Плоштадот Македонија во Скопје ќе нема огномет, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција за новогодишната програма. Тој кажа дека е одлучено прославата да биде без огномет.
„За новогодишната ноќ јас инсистирав да настапат само домашни пејачи. Покрај програма за дочекот од наредните денови ќе има програма за деца, но и за млади. Фокусот ни е да направиме забава за младите и на тоа ќе работиме во наредните години“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот кажа дека настапот на пејачите го плаќа Државна лотарија, додека од буџетот на Градот пари се потрошени за украсувањето кое, како што кажа Ѓорѓиевски, ќе чини помалку од 70.000 евра.
За дочекот на Нова година ќе настапат Тамара Тодевска, Каролина Гочева, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Кристина Димитриевска, „Кулу леле“, Лара, Пајак и „Два бона“.
А. АНТЕВСКА



