ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА РАЗГОВАРАМЕ СО АРСОВСКА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА БРЗИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛАТ ОД ЕБОР

    ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ ДА РАЗГОВАРАМЕ СО АРСОВСКА ЗА ВОВЕДУВАЊЕ НА БРЗИОТ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛАТ ОД ЕБОРНа 19 ноември беше одржан првиот состанок со експерти од банката и градоначалничката Арсовска по нејзината изјава дека нема да го реализира проектот автобуско метро. (Фото: К. Попов)

    Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) не се откажува од проектот за воведување на брз автобуски превоз во Скопје односно реализација на проектот Бас рапид транзит (БРТ) и по најавите на  градоначалничката Данела Арсовска дека нема да го реализира овој проект. На 19 ноември беше одржан првиот состанок со експерти од банката и градоначалничката Арсовска. Од ЕБОР велат дека разговорите ќе продолжат, не кажувајќи детали што им кажала Арсовска на средбата за нејзината намера да го прекине проектот.

    „Европската банка за обнова и развој оствари воведен состанок со новата градоначалничка Данела Арсовска. Ќе ги продолжиме разговорите со градоначалничката за програмата Зелени градови на ЕБОР и нејзината реализација во Северна Македонија. Неодамна, банката двојно го зголеми износот на програмата Зелени Градови, од 2 милијарди евра на 4 милијарди, како знак за силна определба дека справувањето со урбаните еколошки предизвици во земјите каде што имаме активности. Очекуваме ова зголемено алоцирање на средства да отвори нови можности за сите градови членки на програмата Зелени Градови, која во моментов брои 52 града. Ова ја вклучува и можноста за справување со стратешките цели и приоритети кои се идентификувани во Акциониот план на зелени градови за Скопје. Заедно со Градот, ќе продолжиме да се ангажираме во имплементација на приоритетите идентификувани во Акциониот план на зелени градови“, велат од ЕБОР.

    Владата во април годинава зема кредит од ЕБОР во висина од 70 милиони евра за воведување на нов концепт на јавен проевоз во Скопје односно автобуско метро од Ѓорче Петров до Ново Лиличе и од Бутел до Кисела Вода. Досега за овој проект Град Скопје потпроши околу 170.000 евра, односно 75.000 евра за истражувањата и изработка на студијата на која учествуваа сообраќајни експерти од земјава и странство и 95.000 за проектирање на првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче.

    Кон крајот на минатиот месец, на сајтот на Европската банка за обнова и развој беше објавен меѓународниот тендер за воведување на Бас рапид транзит (БРТ) или автобуското метро во Скопје. Тендерот ќе се спроведува во две фази, а првата претквалификациска фаза ќе трае до 14 декември. Тендерот опфаќа проектирање и изградба на коридорот на линијата 1 од БРТ, како и изградба на депо во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров. Токму на местото каде треба да биде депото во Ново Лисиче, Арсовска вториот работен ден како градоначалничка, одржа прес-конференција со градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски најавувајќи изградба на парк на тој простор.

    Арсовска веднаш по стапувањето на функцијата рече дека нема да го спроведе оти граѓаните на изборите го изгласале нејзиниот проект за 250 нови автобуси и бесплатен јавен превоз. Рече ќе каже датали по состанокот со банката, но на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК не добивме одговори туку само куса порака по е-пошта во која стои дека  “во наредниот период следат средби со ЕБОР, а во тек е анализа на документацијата за БРТ проектот во Град Скопје, по што градоначалничката ќе излезе со конкретни одговори за јавноста“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира