ЌЕ СЕ ГРАДИ КРУЖЕН ТЕК И НОВ МОСТ ЗА ВЛЕЗ ВО САРАЈ, ПОСТОЕЧКИОТ ЌЕ БИДЕ САМО ЗА АВТОБУСИ

    ЌЕ СЕ ГРАДИ КРУЖЕН ТЕК И НОВ МОСТ ЗА ВЛЕЗ ВО САРАЈ, ПОСТОЕЧКИОТ ЌЕ БИДЕ САМО ЗА АВТОБУСИПроектот предвидува кружен тек со две сообраќајни ленти и челичен мост со должина од 110 метри.(Фото: Принтскрин од видео на Град Скопје)

    Град Скопје ќе гради кружен тек и нов мост за влез во Сарај. Откако ќе биде пуштен новиот, постоечкиот мост  ќе биде само за автобуси.

    Проектот предвидува кружен тек со две сообраќајни ленти и челичен мост со должина од 110 метри. Вкупната должина на новото булеварско решение, заедно со кружниот тек и мостот, изнесува 1.172 метри. Од двете страни на мостот ќе бидат изградени велосипедски и пешачки патеки, како и тактилни патеки за слепите и слабовидните лица.

    „Со години, западниот влез на Скопје е сив и затоа сега правиме реконструкции на пешачките патеки на влезот во Ѓорче Петров и садиме зеленило и дрвја. Дополнителна вредност на овој дел од градот ќе даде кружниот тек и новиот мост којшто ќе помогне за развој на индустриските објекти таму кои сега немаат пристап. Оваа е делница користена и од туристи, тоа е патот кој води кон Матка. И на Матка ќе имаме инвестиции откако Градот ќе ја преземе во своја надлежност. Со оваа инвестиција ќе обезбедиме ново и директно сообраќајно поврзување меѓу Сарај и Ѓорче Петров, полесно и побезбедно движење, подобра сообраќајна поврзаност и нова развојна перспектива за целиот западен дел на Скопје“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

    Град Скопје сега треба да распише тендер за избор на изведувач, по што за неколку месеци треба да почнат градежните работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира