ЌЕ СЕ КРЕНАТ ЅИДОВИ НА БИТОЛСКАТА ОБИКОЛНИЦА ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ КАЈ ДИВАТА НАСЕЛБА

    ЌЕ СЕ КРЕНАТ ЅИДОВИ НА БИТОЛСКАТА ОБИКОЛНИЦА ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ КАЈ ДИВАТА НАСЕЛБАЗа жителите од дивата населба ќе се изведат безбедни премини над или под патот, кои нема веќе да излегуваат директно на обиколницата (Фото: СДК.МК)

    Општина Битола рамислува да подигне странични ѕидови на обиколницата во делот што минува низ дивата ромска населба, па коловозот наликува на депонија од фрлен и запален отпад. Како што образложи битолската градоначалничка Нашата Петровска, ова не смее да се сфати како гетоизирање на Ромите, туку како обид за поголема безбедност на жителите од населбата и возачите што минуваат од таму.

    „Проблематиката е многу осетлива, но проблем е и ова ѓубре што се создава. Ситуацијата е осетлива и затоа што транзитираат и возила кои се движат со голема брзина, а има мали деца од населбата кои се движат низ патот, потенцијална опасност постои. Со Агенцијата за државни патишта и со дел од ромските здруженија беше разговарано да се направат тие ѕидови како мерка за безбедност“, рече Петровска.

    Во иднина ќе се осмислува дали тоа ќе бидат звучни ѕидови или целосно бетонски, но просторот ќе биде оплеменет. Возможно е да се изведе и видиковец кон Битола. За жителите од дивата населба ќе се изведат безбедни премини над или под патот, кои нема веќе да излегуваат директно на обиколницата.

    Обиколницата не е во функција повеќе од две години поради свлечишта од околниот рид и сметот што се фрла и пали на патот. Таа е единствена обиколница за возилата од Прилеп за Ресен и Охрид и обратно, да не минуваат низ центарот на градот.

    Свлечиштето веќе се санираше на терен, но се појави нова пукнатина, па се прават измени на проектната документација со цел да се опфати целиот проблематичен појас. Од Општината велат дека доколку не се опфатеше и новата пукнатина, а се санираше само досегашното свлечиште, тоа ќе беше само популизам, а решението на терен ќе попуштете за два до три месеци.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира