ЌЕ СЕ ОБИДЕМЕ ДА НЕМА ПОКАЧУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА, АКО ИМА ЌЕ БИДЕ МИНИМАЛНО, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ

    ЌЕ СЕ ОБИДЕМЕ ДА НЕМА ПОКАЧУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА СТРУЈАТА, АКО ИМА ЌЕ БИДЕ МИНИМАЛНО, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИКовачевски вели дека ЕСМ прави напори да испорача како и минатата година 100 проценти електрична енергија по цена која ќе ја регулира Владата.(Фото: СДК.МК)

    Како акционерско друштво ниту можеме да ги потврдиме, ниту да ги демантираме шпекулациите во јавноста околу цената на струјата, рече генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски запрашан дали по најавите на премиерот за производство на зелена енергија, ќе има и скок на цената на струјата.

    ,,Одлуката ја носи Регулаторната комисија која е независно тело. Иако законската обврска за годинава е да испорачаме 70 проценти кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум,  како компанија ги правиме пресметките и напорите да испорачаме повторно како и минатата година 100 проценти електрична енергија по цена која ќе ни ја регулира Владата. Се надевам и очекувам цената во нашиот дел како ЕСМ да нема промени иако учествуваме со нешто околу 40 проценти во вкупната цена на струјата. Сметам дека и годинава ќе ја стабилизираме цената да нема зголемување или ако тоа евентуално се случи, за што одлучува Регулаторна, да биде нешто минимално во факторот на корекции”, изјави Ковачевски, при донирањето машина за чистење подови, средства за хигиена и дезинфекција за вакциналниот пункт во Битола.

    Тој потсети дека уште од 2017 година кога ја презедоа компанијата како нова извршна власт ја вратија евтината тарифа и либерализацијата на пазарот кога учествуваа со најминимална цена кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Со што, како што истакна Ковачевски, ЕСМ застана како заштитник на ниската цена на струјата, а сето тоа на товар на компанијата и државата.

    „Но, нашата држава се стреми кон зелено сценарио за производство на енергија. Тоа значи дека за две-три години РЕК Осломеј треба да биде затворен, во 2025 година Блок 1 да биде изгаснат, а следствено на тоа и Блок 2 и 3. Треба да изградиме нови гасни електрани, фотоволтаици, ветерни паркови. Во постапка е тендерот за изградба на Чебрен, сите тие инвестиции поради енергетска стабилност на државата, но и еколошките инвестиции во филтрите во РЕК и други еколошки проекти значат значајни средства на инвестиции од нашата компанија и државата. Ние изнаоѓаме начини, во овој момент ги правиме сите заштеди на сметка на непродуктивните трошоци. Но, во следните неколку години ќе треба да се прилагодиме на новите трендови”, вели Ковачевски.

    Директорот на РЕК ,,Битола” Златко Ќурчиевски рече дека од минатата година , па наваму се соочуваат со низа опструкции во производствениот процес, но дека со натчовечки напори се обидуваат производството да тече според планираното.

    „Заклучно со 20 мај рудниците испорачаа 1.625.000 тони јаглен што е многу блиску до проектираното. Очекуваме годината да ја завршиме на проектираните 4.800.000 тони јаглен, што ќе биде доволно да го исполниме производствениот план од 2.750 гигават часа. Во изминатиот период, лани, а проблемите продолжија и оваа година се соочуваме со низа опструкции во производниот процес, пред се поради поплавите, но и поради неископаната јаловина во изминатите 15 години. Со надчовечки напори, инвестиции во производството, оптимисти сме дека во вториот дел од годината ќе го реализираме планираното”, рече Ќурчиевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира