ОПШТИНА КАРПОШ ЌЕ ПРОДАВА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ КАЈ КАСАРНАТА ИЛИНДЕН ЗА СТАНБЕНИ ЗГРАДИ

    ОПШТИНА КАРПОШ ЌЕ ПРОДАВА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ КАЈ КАСАРНАТА ИЛИНДЕН ЗА СТАНБЕНИ ЗГРАДИДУП-от предвидува изградба на згради од приземје, пет ката и поткровје, со височина од 21 метар. (Фото: СДК.МК)

    Државно земјиште со површина од над 40.000 метри квадратни кај касарната Илинден во Скопје ќе се продава за изградба на згради. На вчерашната седница на Советот на Општина Карпош беше изгласана одлуката за отуѓување на градежно земјиште за реализација на Деталниот урбанистички план (ДУП) Градска четврт ССИ 03 од Блок 4, касарна Илинден.

    Според одлуката, на јавна лицитација ќе се продаваат 11 градежни парцели, на кои потоа ќе можат да се градат згради. Деталниот урбанистички план предвидува изградба на станбени згради од приземје, пет ката и поткровје, со височина од 21 метар. Во рамките на овој дел зацртани се маркички и за изградба на ново училиште, како и објекти за потребите на Министерството за одбрана.

    За одлуката гласаа осум советници од СДСМ, двајца советници од ГРОМ, еден советник од Демократска партија на Србите и еден советник од ВМРО-ДПМНЕ кој излезе од советничката група. Против беа четири советници од Левица, двајца советници од „Независни за Карпош“, а пет советници од ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.

    Градоначалникот Стевчо Јакимовски вели дека нема ништо спорно во оваа одлука, бидејќи таа овозможува Карпош да се шири кон периферијата односно да се намали притисокот за градење во урбаниот дел.

    Истите тие советници од ВМРО-ДПМНЕ кои сега не гласаа, во 2018 го гласаа овој план и го фалеа дека со него ќе се овозможи ширење кон периферијата. Постапката ќе се врши транспарентно на јавна лицитација, односно кој понуди највисока цена ќе го купи земјиштето“, вели Јакимовски.

    Против продажбата на државното земјиште беа и советниците од „Независни за Карпош“.

    Да, Карпош треба да се шири во тој дел, но не со отуѓување на градежно земјиште или ако веќе се отуѓува, со услови за многу повеќе зелени и јавни површини, а не сѐ што е општествено да се продаде“, вели советничката Татјана Стојановска од „Независни за Карпош“.

    ДУП-от за касарна Илинден беше донесен во 2018, во мандатот на Стефан Богоев.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира