„КИРО ГЛИГОРОВ“ Е ПРВО УЧИЛИШТЕ СО ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА

    „КИРО ГЛИГОРОВ“ Е ПРВО УЧИЛИШТЕ СО ДНЕВЕН ЦЕНТАР ЗА ДЕЦА СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗАНа свеченото отворање на училиштето присуствуваше премиерот Зоран Заев, како и министри, градоначалници и голем број граѓани. (Фото: К.Попов)

    Новото основно училиште „Киро Глигоров“ денеска беше свечено пуштено во употреба. По половина век Општина Центар доби ново училиште, кое ќе биде прво во кое ќе функционира Дневен центар за деца со церебрална парализа.

    „Посебно сум горд на фактот што 360 метри квадратни од објектот се наменети за Центарот за деца со церебрална парализа, кој досега се наоѓаше во стари бараки. За таа намена, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ на свеченото отворање на училиштето.

    Изградбата на училиштето почна во 2016 година и чини 5,5 милиони евра. Автор на идејното решение за изгледот на училиштето е архитектот Бесиан Мехмети, со архитект Стефан Атанасоски, архитект Никола Кунгуловски и архитект Арменд Хебипи.

    Училишната зграда се протега на површина од 12.100 квадратни метри и дворна површина од 4.100 квадратни метри. Се состои од приземје, 2 ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Има 21 училница со акустика на простор, 7 специјализирани кабинети за предметна настава, спортска сала и сала за гимнастика, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал. Сите училници и кабинети покрај со стандардни школски табли опремени се и со смарт-табли со повеќе функционалности на допир, во кои е вграден софтвер кој овозможува интерактивно искуство во учењето, а на наставниците им нуди широк спектар на алатки за поддршка во секојдневната настава.

    Фасадата на училиштето е структурална, стаклена и самовентилирачка, а со тоа и енергетски ефикасна што значително ќе ја намали потрошувачката на топлинска енергија во зимскиот период и ќе придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира