КОЈ ЌЕ ГИ ТРГНЕ ТАБЛИТЕ СО ВАНЧО МИХАЈЛОВ ОД КЛУБОТ ВО БИТОЛА Е ПРАШАЊЕ ЗА МИЛИОН ДОЛАРИ, РЕЧЕ БЕНДЕВСКА ОД КОМИСИЈАТА ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈА

    КОЈ ЌЕ ГИ ТРГНЕ ТАБЛИТЕ СО ВАНЧО МИХАЈЛОВ ОД КЛУБОТ ВО БИТОЛА Е ПРАШАЊЕ ЗА МИЛИОН ДОЛАРИ, РЕЧЕ БЕНДЕВСКА ОД КОМИСИЈАТА ПРОТИВ ДИСКРИМИНАЦИЈАБендевска како претставник на Комисијата присуствуваше на судското рочиште по прекршочната постапка што ја поднесоа против бугарското здружение. (Фото: СДК.МК)

    Ова е прашање за милион долари, рече Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на прашањето поставено од САКАМДАКАЖАМ.МК, кој треба да ги отстрани таблите од бугарскиот клуб во Битола откако Здружението „Културен клуб Иван Михајлов“ е избришано од Централен регистар. Бендевска како претставник на Комисијата присуствуваше на судското рочиште по прекршочната постапка што ја поднесоа против бугарското здружение и неговиот претседател Љупчо Ѓоргиевски за вознемирување на македонскиот народ со содржини поврзани со делото на соработникот на фашистите Ванчо Михајлов.

    По завршувањето на рочиштето, таа пред новинарите рече дека министерот за правда кој го потпиша актот за укинување на здружението и сите други институции се дел од еден институционален систем, а никој не постапил за отстранување на таблите.

    „Навистина би сакала да се приклучам кон оние кои го бараат кокретниот одговор на прашањето – ќе има ли институција во овој систем што едно згаснато здружение ќе натера да ја повлече таблата, која според мислењето на Комисијата за спречување на дискриминација генерално беше главниот елемент на вознемирување извршен кон македонскиот народ“, рече Бендевска.

    Таа додаде дека истакнувањето табли спаѓа во делот на фирмарина што е регулирана согласно Законот за трговски друшта, па претпостави дека ингеренции имаат Пазарната инспекција и Општината. Бендевска откри уште еден момент, дека клубот „Иван Михајлов“ бил регистриран на адреса во периферијата на Битола, а здружение со име како на таблата поставена на објектот во центарот на Битола „Клуб Ванчо Михајлов ВМРО“ не постои.

    Љупчо Ѓоргиевски, претседателот на згаснатото Здружение „Клуб Иван Михајлов“ рече дека ќе ги повлечат таблите откако ќе добијат решението за згаснувањето на клубот.

    Во Основниот суд во Битола денес беше прекината прекршочната постапка против бугарскиот клуб и неговиот претседател, бидејќи Основно јавно обвинителство поведе кривична постапка против Ѓоргиевски за предизвикување национална и расна омраза и нерпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем.

    Бранителот на обвинетиот, Насер Рауфи, рече дека поставувањето слика на Ванчо Михајлов или некој натпис зад фотелјата во клубот не е основ за прекршочна, а не пак за кривична одговорност, па правдата ќе ја бараат во Стразбур.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира