Шкрипи ли нешто во коалицијата на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Тетово или тоа е дел од политичката игра на двете партии за добивање повеќе гласови за престојните парламентарни и локални избори? На неколку седници на ред, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Горан Јовановски – Комарец бара од градоначалничката Теута Арифи да даде одговор до каде е со реализацијата на проектите кои, како што вели Јовановски, биле дел од меѓупартискиот договор при формирањето на новиот состав на Советот на Општина Тетово. Советничката група на ВМРО ДПМНЕ неколку пати ја напушти работата на седниците на Советот. Јовановски на последната седница, искористувајќи го присуството на градоначалничката Теута Арифи, уште еднаш од неа побара одговор до каде е со реконструкцијата на улиците во стариот дел од градот, со расчистувањето на депонијата, снабдувањето со вода за пиење како и со изградбата на нова црква во Тетово, одржувањето на гробиштата и изградбата на капелата.
“Јас нема да навлегувам во политичка дискусија поради фактот што јас и вие не треба да водиме политичка дискусија, водено од старата латинска поговорка дека нашите политички нивоа се различни и водени од концептот кој вели дека “Орелот не фаќа комарци“. Затоа не можеме да да влеземе во политичка дискусија,“ одговори од говорницата на тетовскиот Совет градоначалничката Теута Арифи.
“На вашиот афоризам дека орелот не брка комарци, јас би рекол дека орелот никогаш не бркал комарци бидејќи не може никогаш да ги фати. А сите знаеме дека сега во светот има зика и маларија, па ако комарецот го боцне орелот многу потешко ќе му биде на него отколку на комарецот,“ возврати координаторот на ВМРО ДПМНЕ Горан Јовановски – Комарец.
Тој исто така ѝ посочи на градоначалничката Арифи дека ВМРО ДПМНЕ и ДУИ како коалициони партнери имале постигнато локален коалиционен договор и дека таа тој договор мора да го исполни за доброто на сите граѓани на Тетово.
По завршетокот на седницата Арифи не сакаше да даде никаква изјава, додека претседавачот на Советот Хисни Шаќири, кој исто така е од ДУИ, изјави дека нема проблеми во функционирањето на коалицијата.
“Коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ функционира. Тоа се гледа и од денешната седница на Советот, каде сите одлуки беа изграласни едногласно и за нив гласаа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Знаеме за нивните барања, но тоа се барања и на сите граѓани на Тетово и овие проекти се реализираат, но со различна динамика“.
За претставниците на опозицијата во тетовскиот Совет, сето ова помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е само веќе видена политичка игра.
“Ова е театар од страна на ВМРО ДПМНЕ. Ако се сериозни тие треба да ја напуштат коалицијата и сите раководни кадри да ги повлечат, само тогаш ќе ги сфатиме дека се сериозни и ќе ги поддржиме во нивните барања“, изјави Драган Давидовски од опозициската ВМРО НП.
Слично размислува и Љупчо Апостоловски: “Тие од ВМРО ДПМНЕ не кажуваат каков договор е постигнат меѓу нив, а бараат негово исполнување, па ги напуштаат седниците. Во тие барања настапуваат поединечно како партија и никогаш не побарале заедно да настапиме за барањата за доброто на граѓаните на Тетово“.
“Немам сознанија какви им се односите, но и не ме интересира. Тоа е нивни проблем. Ние знаеме дека ова не им е првпат вака да се однесуваат и на локално и на централно ниво. Навикнати сме на тоа“, изјави Дурим Љума, координатор на советничката група на ДПА во тетовскиот Совет.
З. Андонов