КОЊАНОВСКИ ЈА ОБВИНИ ИЛИЕВСКА ДЕКА НЕ РАБОТИ И ЈА БЛОКИРА ОПШТИНА БИТОЛА, А ТАА НЕГО ДЕКА ЧИТА ОД ЛИВЧЕ И БАРА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТА

    КОЊАНОВСКИ ЈА ОБВИНИ ИЛИЕВСКА ДЕКА НЕ РАБОТИ И ЈА БЛОКИРА ОПШТИНА БИТОЛА, А ТАА НЕГО ДЕКА ЧИТА ОД ЛИВЧЕ И БАРА ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТАДенес на седница се носеше извештајот за буџетот во првиот квартал, а Илиевска искритикува дека за култура Општината потрошила 16 милиони денари, а само 4 милиони за зеленило и паркови. (Фото: СДК.МК)

    Препукувањата помеѓу градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателката на Советот Габриела Илиевска стануваат сè пожестоки. Тој вчера ја повика да започне со работа и своите лични желби и интереси да не ги става над граѓаните, а таа денес му возврати дека тој е градопначалник кој на секој јавен настап чита од ливче кое некој друг му го пишува, критикува за неработење, а бара од Советот да му изгласа покачување на плата од 78 проценти.

    Коњановски е ВМРО- ДПМНЕ која е локалната власт во Битола, а Илиевска е од независната граѓанска иницијатива Поинаку, а до пред неполни два месеци и едните и другите беа дел од советничкото мнозинство. Но, Поинаку почна да критикува дека не се реализираат ветените проекти, по што запре соработката. По ова, во Советот почнаа да не поминуваат дел од иницијативите на локалната власт.

    Коњановски вчера преку прес-конференција ја повика Илиевска да започне со работа во интерес на граѓаните кои ѝ ја дале довербата, а со тоа да запрат кочниците и блокадите на Општината.

    „За жал, како никогаш досега, имаме ситуација во која претседателката на Советот во континуитет веќе 2 месеца личните желби и интереси ги става над потребите на граѓаните. Искажувајќи некакво незадоволство од локалната самоуправа, останува на функцијата за која е платена со пари на битолчани и се обидува да докаже некаква своја правда, дури и кога не само јас како градоначалник, советниците и општинските служби, туку и повисоките државни институции ѝ укажуваат дека постапува погрешно. Блокадите и кочниците покажуваат дека да се работи поинаку, значи да се покажува самоволие, ароганција и фрустрации и сето тоа на штета на сите нас, Битола и битолчани“, рече Коњановски.

    Илиевска денес возврати: „Зборуваме за градоначалник кој ја критикува работата на Советот, а Советот во последните десет дена имаше две седници. И зборуваме за градоначалник кој на секој јавен настап чита од ливче и не можам да му замерам за изјавата зашто таквите изјави се несвојствени за градоначалник кој денес бара од Советот да му изгласа покачување на платата од 78 проценти“, рече Илиевска.

    Денес на седница се носеше извештајот за буџетот во првиот квартал, а Илиевска искритикува дека за култура Општината потрошила 16 милиони денари, а само 4 милиони за зеленило и паркови.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира