За првпат од почетокот на пандемијата, Битола е зад Скопје по бројот на активни болни од ковид-19. По Скопје со 10.838 активни, следуваат Куманово и Битола со 1.150 и 1.149. Ова е галопирачки раст на бројката на заразени ако се знае дека на први април, Битола беше на четврто место со 897 активни случаи, после Скопје, Прилеп, Куманово. За шест дена во градот бројката се зголеми за 252 лица.
Претходно, на први април Битола имаше активни случаи приближно колку Охрид, над осумстотини. Охрид и сега има 804 активни случаи, а Битола далеку повеќе.
Иако прстот цело време е вперен во кафулињата и собиранки меѓу младите, сепак, овојпат коронавирусот создаде кластери во работните организации. Има голем број фирми во Битола каде вработените се заразија меѓу себе, а потоа болеста ја однесоа и дома, по што заболеа цели семејства, а има и смртни случаи. Има и државни претпријатија каде добар дел од вработените се во изолација, а некои завршија и на болничко лекување.
Исто така, има и приватни компании каде вработените не носеле маски за време на работниот процес па се заразиле меѓу себе, а денес се со решенија за изолација, па им страдаат семејните бизниси. Во градот има и банки каде голем дел од вработените се заболени и во изолација. Некаде и цели улици каде е проширена болеста, а меѓу соседите има пациенти со тешка клиничка слика на Инфективното одделение, а некои и починати.
Воедно, и покрај тешката ситуација со коронавирусот, низ градот има маркети каде ни вработените не носат заштитни маски, а не пак купувачите, а не казнуваат ниту инспекциите ниту полицијата.
Ж. ЗДРАВКОВСКА