Градоначалникот Петре Шилегов го разреши досегашниот директор на депонија „Дрисла“ Горан Ангелов и за в.д. директор го назначи Коста Начевски. Од кабинетот на Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека Начевски од утре ќе го преземе раководењето на депонијата, а на наредната седница на Советот на Град Скопје ќе бидат избрани членови на Управниот одбор на јавното претпријатие.
Начевски на локалните избори во 2013 година беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Бутел, но изгуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Петре Латиновски.
Град Скопје вчера ја доби во владение „Дрисла“ откако Централниот регистар ја впиша депонијата дека од приватна сопственост повторно станува јавно претпријатие. Со тоа после 9 години депонијата повторно е во сопственост на Град Скопје, откако во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски беше дадена под концесија на италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“.
„После две години активна борба успеавме да ја вратиме депонијата во сопственост на Град Скопје. Ги повикувам сите надлежни институции да влезат во Дрисла и да го испитаат досегашното работење на концесионерот. Жал ми е што поради авантурите на ВМРО-ДПМНЕ изгубивме 9 години, но јас сум гарант дека во Дрисла во наредниот период ќе бидат воведени најсовремени технологии“, рече вчера на прес-конференција за преземањето на „Дрисла“ градоначалникот Петре Шилегов.
А. АНТЕВСКА