Салата „Партизан“ во скопски Карпош три месеци после свечено пуштање во употреба стои заклучена и не се користи. На 29 декември лани тогашниот премиер Димитар Ковачевски, заедно со градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски рекоа дека салата после повеќе од 15 години повторно е во функција. Но, по заминувањето и церемонијата за свечено отворање, салата е заклучена и уште не може да се користи.
Од Општина Карпош велат дека салата уште не е пуштена во употреба оти треба да се изврши доопремување.
„Салата треба да се поврзе на греење и да се постават радијатори. Потоа треба да се набават кошеви, рипстоли, греди, и друга спортска опрема која треба да ја испорача Агенцијата за спорт. Општина Карпош во меѓувреме има распишано тендер за осветлување на спортската сала“, велат од Општина Карпош.
Уште не е одлучено ниту кој ќе стопанисува со салата. На отворањето Јакимовски кажа дека за тоа ќе одлучат советниците во Советот на Општина Карпош.
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963. Таа е проект на архитектот Трајко Димитров, кој почина лани, а кој беше активен и во иницијативите за обновата.
Салата во 2005 година од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.
По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК во 2019, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април 2022 почнаа да ја реновираат салата, а во септември лани веднаш до салата почнаа градежни работи и за изградба на затворен базен.
А. АНТЕВСКА