КРАДЕЛЕ СТРУЈА ОД УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ, АКЦИЈА ЗА ОТКРИВАЊЕ НА ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИ ВО ОПШТИНА ЈЕГУНОВЦЕ

    КРАДЕЛЕ СТРУЈА ОД УЛИЧНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ, АКЦИЈА ЗА ОТКРИВАЊЕ НА ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИ ВО ОПШТИНА ЈЕГУНОВЦЕНа Општината и стигнала за наплата енормно висока сметка за потрошена струја за јавното осветлување што било причина да се исконтролираат сите столбови.(Фото: СДК.МК)

    Општина Јегуновце во соработка со ЕВН спроведе акција за откривање на диви приклучоци во системот за јавно осветлување. На Општината и стигнала за наплата енормно висока сметка за потрошена струја за јавното осветлување што било причина да се исконтролираат сите столбови. При контролата било откриено дека во повеќе случаи имало бесправно приклучување на општинската мрежа.

    „За минатиот месец дојде сметка за потрошена струја во висина од 2 милиони денари. Еден милион за потрошената струја за водните пумпи, преку кои Општината се снабдува со вода за пиење и еден милион денари за уличното осветлување. Тоа за нашата Општина се енормно високи сметки посебно во делот за уличното осветлување, па се посомневавме дека најверојатно има лица кои на диво се приклучиле и крадат струја. Во соработка со ЕВН презедовме активности за проверка на сите јавни светилки во Општината и се остварија нашите претпоставки. Уште првиот ден кога ја започнавме проверката во село Копанце најдовме пет вакви приклучоци преку кои се крадела струја од уличното осветлување“, изјави градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиноски.

    Акцијата продолжува и во другите села, во Жилче, Шемшово, Туденце, Јегуновце, Орашје и секаде каде постои сомнеж дека некој ги злоупотребува општинските ресурси. За да се намалат сметките за уличното осветлување градоначалникот Костадиноски најавува поставување тајмери за автоматско палење и гасење на светилките.

    Од Општина Јегуновце велат дека против сите кои незаконски се приклучувале и краделе струја од уличното осветлување ќе бидат поднесени соодветни пријави.

    З. АНДОНОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира