КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ОБЈАВУВАЊЕ СПИСОЦИ СО ИМИЊА НА КУМАНОВЦИ ЗАБОЛЕНИ ОД КОРОНАВИРУС

    КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ОБЈАВУВАЊЕ СПИСОЦИ СО ИМИЊА НА КУМАНОВЦИ ЗАБОЛЕНИ ОД КОРОНАВИРУСКривична пријава против непознат сторител поднесе Агенцијата за заштита на личните податоци, откако на списоците кои кружеа на социјалните мрежи неовластено беа објавени лични податоци на лица од Куманово кои се заболени од КОВИД-19, со посочени имиња, датум на раѓање и адреса на живеење. (Фото: СДК.МК)

    Агенцијата за заштита на личните податоци до Основното јавното обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител за кривично дело злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот законик. На списоците кои кружеа на социјалните мрежи неовластено беа објавени лични податоци на лица од Куманово кои се заболени од КОВИД-19, со посочени имиња, датум на раѓање и адреса на живеење.

    „Ваквата обработка на личните податоци, вклучително и фотографирање на списоци со лични податоци на лица кои се инфицирани со коронавирусот или пак се во домашна изолација или во државен карантин, како и нивно објавување и било какво друго споделување без законски основ, претставува прекршување на одредбите од Законот за заштита на личните податоци, како и дека ваквиот начин на обработка на личните податоци претставува кривично дело Злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот законик за што е пропишана парична казна или казна затвор“, соопшти Агенцијата.

    Во Куманово досега има 168 регистрирани заболени од коронавирус, втор најпогоден град после Скопје.

    Согласно Законот за заштита на личните податоци, обработката на податоци што се однесуваат на здравјето на луѓето е забранета, а може да се врши само во строго утврдени исклучоци согласно закон.

    -„Агенцијата за заштита на личните податоци нагласува дека исклучоците за обработка на овие податоци утврдени со закон, не се однесуваат на јавно објавување на личните податоци за инфицирани лица или лица во самоизолација, па оттука секое објавување и споделување на лични податоци од страна на неовластени лица, за лица заболени од коронавирус или лица кои се во домашна изолација или во државен карантин, претставува повреда на приватноста и на правото на заштита на личните податоци и подлежи на санкции согласно закон“, вели Агенцијата.

    С. НИКОЛИЌ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари