КРИВИЧНА ЗА КОМАНДИРОТ ШТО МУ ПОЗАЈМИ ПОЖАРНА НА КОЛЕГА ДА ОДИ ПО НЕВЕСТАТА

    КРИВИЧНА ЗА КОМАНДИРОТ ШТО МУ ПОЗАЈМИ ПОЖАРНА НА КОЛЕГА ДА ОДИ ПО НЕВЕСТАТАПринтскрин од Фејсбук профилот на командирот на противпожарната единица во Радовиш, со кој што одењето по невеста го оправда со сличен случај од Хрватска (лево); Фотографија од младоженецот како оди по невестата качен на пожарна се рашири на социјалните мрежи (десно)

    За минатонеделното користење противпожарно возило во Радовиш за свадбена церемонија, струмичката полиција преку надворешната канцеларија во Радовиш поднесе кривични пријави против командирот на единицата и раководителот на смена за кои што постои основано сомнение дека направиле кривично дело „послужување во службата“, соопшти МВР. Според полицијата, командирот Герасим Коцев на 17 септември без овластување од Општина Радовиш, му овозможил на Никола Петров од Јаргулица, раководител на смена во критичниот ден, да му дозволи на пожарникарот Александар Кулашник да се послужи со возило, како младоженец, во времетраење од еден час за свадбена прослава.

    Кривичните пријави се поднесени до Основното јавно обвинителство во Радовиш кое треба да утврди дали имало кривично дело за да подигне обвинителен акт. Како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, во неделата младоженецот Александар Кулашник, пожарникар и заменик командир во радовишката пожарна, со специјалното противпожарно возило марка „Волво“, донација од британската „Операцијата Флоријан“, отишол по невестата. Возилото било украсено со машни и знамиња, а за време на свадбената парада биле вклучени и сирени.

    Градоначалникот на Општина Радовиш Сашко Николов за САКАМДАКАЖАМ.МК рече дека и тој бил затечен од објавените фотографии на социјалните мрежи за користење на противпожарното возило за свадбена прослава и кажа дека нема издадено согласност да се користи службеното возило за приватни цели и дека ке ги преземе сите мерки кон одговорните согласно законот за државни службеници.

    Командирот на радовишката пожарна Герасим Коцев за да го оправда користењето на противпожарното возилото на својот Фејсбук профил линкуваше слична содржина и пример од Хрватска и напиша дека одењето по невеста со противпожарно возило не било ништо ново и ништо страшно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира