СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗАМИНАА ПОЛОВИНА ОД ЕКСДИРЕКТОРИТЕ НА ШКОЛИТЕ ВО БИТОЛА

    СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗАМИНАА ПОЛОВИНА ОД ЕКСДИРЕКТОРИТЕ НА ШКОЛИТЕ ВО БИТОЛАПоранешната директорка на „Таки Даскало“ е меѓу обвинетите во случјот на СЈО „Транспортер“ (Фото: СДК.МК)

    Со кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување своето директорување го завршија половина од директорите кои за време на претходната власт ги водеа битолските училишта. Од петнаесет директори , петмина се обвинети за злоупотреби на бесплатниот школски превоз во случајот „Транспортер“ на СЈО, а уште двајца деновиве беа осомничени за други злоупотреби. Сите се сменети од директорските места, дел си дадоа оставка, а двајцата осомничени добија кривични пријави на заминување од раководните функции.

    Ексдиректорот на средното училиште „Таки Даскало“, В. Т. ( 52) од Битола, не е смешан во случајот „Транспортер“, но според кривичната пријава што деновиве против него ја поднесе битолската полиција, осомничен е за злоупотреба на положбата поврзана со транспортот на ученици. Според СВР Битола, тој исплаќал фактури за поголем број на ученици од оние што реално го користеле превозот. Во извештајот пишува дека „тој во текот на 2015/2016 година, и покрај тоа што од благајникот му било предочено, дека во пристигнатите фактури и списоци бројот на ученици е поголем од реалниот број на оние коишто го користат превозот, не ги вратил фактурите и списоците кај превозниците за корекција. Така исплатил 105.789 денари, со што им овозможил имотна корист од 73.991 денари на  превозникот ‘Џем Турист’, 25.428 денари на ‘Лука Експрес’ и 6.370 денари на ‘Гопеш Транс’“.

    Истовремено беше поднесена и кривична пријава против донеодамнешната директорка на основното училиште „Стив Наумов“ од Битола Б. Р. Т. (49) за злоупотреба на службената положба. Таа се сомничи дека ѝ овозможила на компанијата „Амсекјурити“ од Скопје да продолжи да врши мониторинг надзор и патрола врз училишниот објектот три години по истекот на договорот без да распише тендер. Така, според полицијата, ѝ овозможила на компанијата да се стекне со имотна корист од 108.000 денари.

    За другите петмина директори веќе се одржа и првото рочиште за случајот „Транспортер“ во скопскиот Кривичен суд. Меѓу нив се и ексдиректорите на средното Медицинско училиште, гимназијата „Јосип Броз Тито“, поранешната директорка на „Таки Даскало“ и други.

    По промената на локалната власт, назначени се нови директори во најголемиот дел од битолските училишта. Од петнаесет постоечки школи, во десет има нови директори. Во оснатаните пет, од кои основните училишта „Ѓорги Сугарев“, „Даме Груев“, „Трифун Пановски“, „Елпида Караманди“ директорите уште не се сменети, а во средното Земјоделско училиште смената е во тек.

    Но, остануваат долговите на училиштата од 4.5 милиони евра кои се таложеле во изминатите години, а новите директори заедно со локалната и централната власт ќе мора да најадат начини да ги покријат.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира