КРИВИЧНИТЕ ЗА ЕЛЕМ И ЕКСДИРЕКТОРИТЕ ОД РЕК ПРОИЗЛЕГОА ОД ПРИЈАВАТА НА „ЗА НАС СЕ РАБОТИ“

    КРИВИЧНИТЕ ЗА ЕЛЕМ И ЕКСДИРЕКТОРИТЕ ОД РЕК ПРОИЗЛЕГОА ОД ПРИЈАВАТА НА „ЗА НАС СЕ РАБОТИ“Членовите на невладината „За нас се работи“ уште пред девет месеци поднесоа пријави против РЕК Битола и тогашните директори за загадување на животната средина. Од МВР потврдија дека кривичните пријави произлегле од иницијативата на невладината организација (Фото: СДК.МК)

    Кривичните пријави што полицијата ги поднесе денес против ЕЛЕМ и петмина поранешни директори од РЕК „Битола“ произлегоа од пријавата на здружението „За нас се работи“, потврдија од СВР Битола.

    Активистите на ова здружение пред девет месеци во кривична пријава поднесена до Основното јавно обвинителство ги обвинија тогашниот генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски и неколкумина други директори од РЕК за загадување на животната средина.

    Тие тогаш во пријавата наведоа дека во периодот од 2010 до 2017 година на депонија која се наоѓа во непосредна близина на РЕК, при одложувањето на отпадот во вид на пепел и згура кои се карактеризираат како опасни и радиоактивни, се постапувало несовесно и со непреземање на мерки за заштита на животна средина. Поради тоа повеќе пати при појава на појак ветер не било спречено проширувањето на опасен и радиоактивен отпад надвор од депонијата. На тој начин со распространување низ Пелагониската котлина и селата дозволиле да се загадува воздухот, водата и почвата, со што се предизвика опасност за здравјето и животот на луѓето и другиот жив свет.

    „Одговорност и санкции мора да има зашто таму не било постапувано според законот. Мора да одговараат сите што свесно или несвесно не презеле соодветни мерки бидејќи поседиците се големи по здравјето на луѓето. Не се работи тука за финансиска загуба, туку за здравје“, рече Душко Груевски од „За нас се работи“.

    Дел од лицата против кои тие поднесоа кривилчни пријави минатата година сега се осомничени, а дел не, сепак истрагата била проширена и на други лица од раководниот кадар во РЕК.
    Денес полицијата поднесе кривични пријави против ЕЛЕМ за загадување на животната средина и природа. Според билтенот на МВР осомничени за соизвршителство во загадувањето на животната средина и природа се И.К. (63) од Гостивар, поранешен директор на подружница РЕК Битола, Ј.К. (67) од Битола, директор на подружница РЕК Битола, О.З. (54) од Битола, директор во РЕК Битола, З.М. (44) од Битола, раководител во Подружница РЕК Битола и против С.А. (63) од Битола, раководител во Подружница РЕК Битола.
    Тие пропуштиле да ги реконструираат филтрите на РЕК и дозволиле да се пропуштат штетни честички повеќе од дозволеното, а при отпепелувањето на одлагалиштето да се создаваат вртлози од пепел со што се зголемило загадувањето.

    Од Електрани на Македонија соопштија дека во однос на денешните кривични пријави се става на располагање на сите државни институции во интерес на спроведување на потребните процедури и утврдување на фактичката состојба.

    „Новото раководство на АД ЕЛЕМ презема мерки за заштита на животната средина и сите активности за производство на електрична енергија се во насока што помалку да влијае на околината. Лани новото раководство почна постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината. За оваа година предвидени се средства за набавка на електростатски филтри кои ќе спречат емисија на штетни материи во воздухот“, велат од АД ЕЛЕМ.

    Од АД ЕЛЕМ велат дека од физички лица за кои МВР поднесе кривична пријава како функционери во РЕК Битола, во моментов само едно лице е актуелен раководител.

    „Ова лице е раководител подолго време, односно не е дел од новите назначувања кои се случија во комбинатот минатиот месец“, велат од АД ЕЛЕМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира