КРУШЕВО ВО ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА СО ЕДЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗНИК И БЕЗ ПОВРАТЕН БИЛЕТ

    КРУШЕВО ВО ТУРИСТИЧКА СЕЗОНА СО ЕДЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗНИК И БЕЗ ПОВРАТЕН БИЛЕТЕдинствениот автобуски превозник на релација Крушево-Скопје „Метро транс“, го укина повратниот билет кој чинеше 530 денари и воведе карта која сега само во еден правец чини 430 денари (Фото: Б. Пулеска)

    Единствениот автобуски превозник на релација Крушево-Скопје „Метро транс“, го укина повратниот билет кој чинеше 530 денари и воведе карта која сега само во еден правец чини 430 денари. Дел од крушевчани се жалат дека ваквите измени негативно ќе влијаат врз туризмот во моменти кога градот се обидува да се врати на туристичката мапа, а цената на билетите за доаѓање и заминување во Крушево ја споредуваат со авионски билет до повеќе европски метрополи.

    „Зарем Крушево ќе развива туризам со еден превозник без повратна карта? Со новите цени еден викенд во Крушево ќе чини 860 денари, потребно е да се плаќаат билети во двата правца. Колку за споредба, за овие пари може да се најдат авионски билети за повеќе европски метрополи. Сето ова во време кога Крушево повторно пробува да се врати на туристичката мапа, со зголемениот број на туристи периодов, градот се соочува со можност да го изгуби единствениот потенцијал за развој – туризмот“, коментираат крушевчани на социјалните мрежи.

    Додаваат дека градот не само без туристи туку ќе остане и без младите кои студираат во Скопје, кои поради високите автобуски цени нема да можат почесто да се враќаат во Крушево.

    „Оваа ситуација ќе придонесе младите да се снаоѓаат како знаат и умеат, најчесто доаѓајќи преку Прилеп и менување на две линии за да стигнат до Крушево за разумна сума. Со ова, нивниот удел во економијата ќе се префрли во конкурентските превозници. Освен тоа, се појавува шанса за развој на сива економија, диви таксисти кои би вршеле превоз до Скопје, а не би плаќале даноци и на тој начин градот го губи нивниот удел во буџетот“, реагираат крушевчани.

    Управителот на автобуската компанија „Метро транс“ Сеат Топаловски, во телефонски разговор ни рече: „Слободно да ги информирате патниците дека од 15 јануари билетот пак ќе поскапе зашто патниците се некоректни“.

    „Досегашната цена беше неисплатлива, бев во загуба, требаше сосема да ја затворам линијата и ќе немаше никаков превоз. Ова сега е економски исплатлива цена. Логиката е таа што од Скопје до Прилеп билетот чини 320 денари во еден правец и уште 100 денари за 40 километри до Крушево. Каде можеш да најдеш да патуваш 400 километри за 800 денари? Па, 400 километри се до Белград. Јас сум приватник и ставам цени какви сакам, не е задолжително да се возат со мене, ако им е скапо нека ја земат колата и нека одат. Јас инветирав 60.000 евра за да бидам единствен превозник и два пати пати дневно возам на релација Скопје-Крушево“, рече Топаловски.

    Од Општина Крушево велат дека ова негативно ќе влијае на туризмот и транспортот на студентите, но дека имаат ограничани ингеренции бидејќи се работи приватна копманија и за пазарна економија. Сепак, велат дека имаат сè уште неофицијална најава од друга компанија за транспорт на патници дека од февруари ќе ја обнови возната линија за Крушево.

    „Ние освен добронамерен разговор повеќе ништо не можеме. Но, до нас стаса утрово информација дека ‘Пелагонија транс’ која исто така имаше линија Скопје- Крушево, неофицијално е уште, но планираат да почнат повторно со линијата од први февруари. Со тоа се надеваме дека ќе се намали цената и ќе се подобрат и услугите. Ние комуницираме и со Инспекторот и со Министерството за транспорт, тие во своите надлежности делуваат по пријава на граѓани доколку има такво нешто, вршат контрола на станицата и превозот. Градоначалникот комуницира со превозници, но до тука е нашата граница“, велат од Општина Крушево.

    Од Општината велат дека ги преземаат сите потребни мерки за туристичка промоција на Крушево и подигање на уште повисоко ниво на услугите во градот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари