Утрово без интернет остана дел од Општина Карпош откако куче ги изгризало оптичките кабли на „Македонски Телеком“. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, кучето паднало во шахта и додека било во неа ги изгризало оптичките кабли, па интернет покрај граѓаните снемале и поликлиника „Букурешт“ и приватната болница „Филип Втори“.
„Вработените од ‘Телеком‘ по пријава дека нема интернет во тој реон откако го лоцирале и пронашле проблемот, не се осмелувале да слезат во шахтата, каде што било и кучето. Околу 15 часот се јавиле на бројот за итни случаи 112.
Дежурните во ЦУК веднаш почнале да вртат во ЈП ‘Лајка‘, но оттаму никој не се јавувал на телефон и никако не успеале да стапат во контакт со нив за да им се помогне во извлекувањето на кучето. Потоа успеале да ги добијат активистите на граѓанска иницијатива ‘Кане Корзо‘ кои за кратко време дошле на местото и заедно со вработените од ‘Телеком‘ безбедно го извадиле кучето од шахтата“, велат од ЦУК.
Вработените од „Телеком“ потоа го санирале дефектот, а активистите го згрижиле кучето.