КУМАНОВКА ОСТАНА БЕЗ РАБОТА ПО 7 ГОДИНИ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ, НОВИОТ ДИРЕКТОР НЕ Ѝ ГО ПРОДОЛЖИЛ ДОГОВОРОТ И ВРАБОТИЛ СВОЈ ЧОВЕК

    КУМАНОВКА ОСТАНА БЕЗ РАБОТА ПО 7 ГОДИНИ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ, НОВИОТ ДИРЕКТОР НЕ Ѝ ГО ПРОДОЛЖИЛ ДОГОВОРОТ И ВРАБОТИЛ СВОЈ ЧОВЕКСашка Димковска вели дека дека правдата ќе ја бара на суд. (Фото: СДК.МК)

    Кумановката Сашка Димковска, архиварка во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Куманово, по речиси 7 години останала без работа затоа што новиот в. д. директор Херолинд Сакипи не ѝ го продолжил договорот.

    На Димковска договорот за работа ѝ завршил на 30 август, по што ѝ било кажано да почека неколку дена да добијат насоки од Министерството за здравство бидејќи дошло до смена на власта, а во меѓувреме на нејзиното место била вработена друга жена – Албанка.

    „Работев на позицијата архивар, 6 години и 10 месеци, а истовремено го водев магацинот, помагав во јавни набавки, финансии, секаде каде имаше потреба, само затоа што си ја сакав работата. Кога ми беше кажано дека нема да ми го продолжат договорот сакав да се видам со директорот, но тој одбиваше да разговара со мене. Јас знам дека од предходниот министер имаше одлука договорите да ни се продолжат до крајот на годината, а наредната година да се бара начин да ни се дадат решенија на неопределено време, бидејќи работиме повеќе од 6 години, а сега друго се прави“, вели револтирано Димковска.

    Таа додава дека договорот не ѝ е продолжен само заради партиски вработување на новата власт, односно од в. д. директорот Сакипи, кој е од коалицијата „Вреди“ и по професија е правник, бидејќи никогаш досега немала проблеми во работењето ниту во комуникацијата со колегите.

    Од Центарот за јавно здравје во Куманово велат дека Димковска била вработена со договор на дело и поради тоа тие немаат обврска да ѝ даваат какво било образложение, затоа што таа самата го потпишала договорот кој ѝ завршил на 30 август.

    „Од страна на директорот, на Сашка Димковска ѝ е пренесено дека во моментот кога ќе се обезбедат согласности од страна на надлежните министерства за објавување на оглас за вработување во ЈЗУ Центар за јавно здравје Куманово, Сашка Димковска како и сите граѓани на Република Северна Македонија може да аплицира и доколку ги исполнува условите за вработување и може да се вработи согласно законските процедури и прописи за вработување, а секако ќе се земе во предвид искуството и трудот што го има вложено во центарот“, велат од ЦЈЗ Куманово.

    Истовремено, напоменуваат дека со известување од Министерство за здравство врз основа на Одлука на Владата и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се прекинати сите постапки за вработување на неопределено време за 2024, сè до следно известување од Министерството за здравство или Владата кое сè уште го немаат.

    За новата вработена, која доаѓа надвор од институцијата и нема работно искуство, од ЦЈЗ велат:

    „За работното место на кое работела Сашка Димковска со договор на дело не е потребно работно искуство. И во актот за систематизација работното место е со или без работно искуство. Нововработеното лице ги исполнува условите кои се бараат за работното место за договор на дело“.

    Димковска вели дека се одлучила јавно да зборува за неправдата која ѝ е нанесена затоа што добила голема поддршка од колегите, кои жалат што останале без исклучително вреден работник. Тоа го потврдуваат и нејзините колеги. Таа најавува дека правдата ќе ја бара на суд.

    Димковска вели дека таа е само уште една жртва на системот, во кој се изигруваат вистинските работници и се злоупотребува нивниот труд, а додека вистинските професионалци со години работата без регулиран статус и без основни права, партиски луѓе примаат плата без да одат на работа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира