КУМАНОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ДИМИТРИЕВСКИ НА РАСПИТ ВО ПОЛИЦИЈА ПО АНОНИМНА ПРИЈАВА ДЕКА НЕЗАКОНСКИ ДАВАЛ ДОДАТОЦИ НА ПЛАТА

    КУМАНОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК ДИМИТРИЕВСКИ НА РАСПИТ ВО ПОЛИЦИЈА ПО АНОНИМНА ПРИЈАВА ДЕКА НЕЗАКОНСКИ ДАВАЛ ДОДАТОЦИ НА ПЛАТАДимитриевски пријавата ја смета за класичен пример на злоупотреба од поединци во МВР во партиско-политички цели. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот Максим Димитриевски добил анонимана пријава од вработени во Општина Куманово за исплати на плата и надоместоци на лица вработени во Општината. По пријавата, тој утринава бил повикан на распит во кумановската полиција.

    „Според наводите во пријавата, иако покрај тоа што од страна на вработените во Општина Куманово е постапувано согласно законот, платите се исплаќаат со децении во општината и методологијата на пресметка е иста. Општината има потпишано и колективен договор за своите вработени, но сепак, дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата коишто ја водат постапката ќе добијат дополнителни информации“, изјави градоначалникот Димитриевски, откако излезе од распитот.

    Од Кумановската полиција потврдија дека денеска кај нив на информативен разговор бил повикан градоначалникот, по насоки на јавен обвинител Куманово, а во врска со добиена анонимна пријава.

    „Во пријавата се наведува дека од страна на Секторот за финансии при Општина Куманово на вработените во Секторот за инспекција, незаконски им бил исплатен додаток на плата од 30 отсто и тоа на кандидати за инспектори кои не се стекнале со лиценца инспектор, а со тоа е оштетен буџетот на Општина Куманово. Потенцираме дека за сите наводи постои документација која на барање од СВР Куманово е доставена од страна на Одделението за човечки ресурси од Општина Куманово“, велат од кумановската полиција.

    Димитриевски пријавата ја смета за класичен пример на злоупотреба од поединци во МВР во партиско-политички цели, додека од СВР Куманово велат дека постапуваат согласно законските правила и прописи, без оглед на тоа за која институција и да станува збор.

    Димитриевски на изборите во 2021 победи како кандидат на независната граѓанска листа „За наше Куманово“, откако неговата партија СДСМ не му ја поддржа кандидатурата за градоначалник.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира