Во Основниот суд во Куманово во текот на април донесени се 70 пресуди за граѓани кои не постапувале согласно здравствените прописи за време на епидемија од коронавирусот. Паричните казни на осудените се движат од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Меѓу прекршителите на забраната за движење беа и двајца кумановци кои се шетале вооружени во време на полициски час.
„Врз основа на поднесени предлози за издавање на казнен налог од страна на Основно јавно обвинителство Куманово, за сторени кривични дела непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик, Основиот суд Куманово, во периодот од 01.04.2020 година, заклучно со 30.04.2020 година, донесе вкупно 70 пресуди со кои обвинетите се огласени за виновни за наведеното кривично дело и се осудени на парични казни, во денарска противвредност од 1.000 евра, до денарска противредност на износ од 2.000 евра“, соопштуваат Судот.
Наведените кривични дела обвинетите ги сториле за време на пандемија, прогласена со одлука на Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март 2020, непочитувајќи ги одлуките на Владата за ширење и сузбивање заразната болест, преизвикана од вирусот КОВИД-19.
С. НИКОЛИЌ