КУМАНОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЌЕ ПРИМААТ ПОВИЦИ ЗА ПОЖАРИ ПРЕКУ НОВА МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈА

    КУМАНОВСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЌЕ ПРИМААТ ПОВИЦИ ЗА ПОЖАРИ ПРЕКУ НОВА МОБИЛНА АПЛИКАЦИЈАПреку апликацијата ќе се добиваат точните координати и локацијата на пожарот, која површина е зафатена и што гори (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните на Куманово наскоро ќе добијат можност да пријават пожар преку апликација која се инсталира на мобилен телефон. Доколку забележат пожар, особено ако е подалеку од населените места, како планина или излетничко место, тие ќе можат да направат фотографија и преку апликацијата да ја пратат во Територијалната противпожарна единица Куманово.

    На тој начин ќе добиеме точни координати и локација, која површина е зафатена и што гори, по што ќе имаме целосна претстава за пожарот. Врз основа на тоа ќе правиме проценка како да се подготвиме за терен. Притоа, најважно е што ќе знаеме каде одиме. Луѓето најчесто во паника не знаат да ни дадат ни точна адреса, ниту да ни објаснат каде се наоѓаат. Исто така, не е иста нивната и нашата проценка за големината и брзината со која се шири пожарот. Ако навреме се пратат поголемо возило и повеќе луѓе, поефикасна ќе биде интервенцијата“, вели Деан Илиевски, командир на Територијалната противпожарна единица Куманово.

    Тој додава дека со оваа апликација ќе се отстранат лажните пријавувања и ќе имаат увид во брзината на дејствувањето на нивните пожарникари.

    Со праќање на фотографија по мобилен телефон ќе се знае кој е пријавувачот, но ќе имаме и доказ дали вработените реагирале навреме. При секоја интервенција најбитно е пријавувањето и затоа побаравме да се направи ваква апликација“, смета Илиевски, кој додава дека таа ќе служи и пошироко, бидејќи доколку се пријави пожар од друга општина, тие ќе препратат до нивните служби.

    Мобилната апликација ќе биде ставена во функција за околу шест месеци, бидејќи во тек е постапка за избор на фирма која ќе ја изработи. Таа е дел од проектот „Заштита и превенција од пожари во микрорегиони во општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце“, кој го спроведува Центарот за развој на Североисточниот регион. Со него е предвидено да се набават и три противпожарни возила за отворен простор, комплетна заштитна опрема, дополнителна работна опрема и метални шкафови. Ќе се реновираат гаражите во Куманово и ќе се инсталира нов систем за греење, место старите ќумбиња на дрва, за да не мрзне водата во цистерните.

    Вредноста на проектот е околу 350.000 евра, а еднакво ги обезбедуваат Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за обнова и развој. Партнер во проектот е Противпожарната единица во Ранковце, која ќе добие едно возило и дел од опремата. Имплементацијата е за две години.

    Во Противпожарната единица Куманово работат 46 пожарникари, кои ги покриваат општините Куманово и Липково. Лани имала 359 интервенции.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира