Минатата година, 32 деца од велешко дошле во судир со законот, дел од нив се и повеќекратни прекршители. Според службената документација на поведени постапки од СВР Велес, за 2017 се регистрирани 15 деца сторители на кривични дела кон кои e покрената кривична постапка, и 14 прекршители на јавниот ред и мир – тепачки и караници, кон кои е покрената прекршочна постапка. Ова стои во годишниот извештај на Локалниот совет за превенција од детско престапништво за Општина Велес.
„Врз основа на добиените податоци за 2017 година, може да се констатира дека бројот на деца кои дошле во судир со законот се движи со мало зголемување во однос на 2016 за бројката на нови пријави. Меѓутоа, од деталната анализа утврдено е дека оваа бројка се зголемува со прекршоците од областа на сообракајот и нарушување на јавен ред и мир, додека во областа на кривичните дела нема зголемување. Tоa укажува дека во иднина треба да се делува на подигање на свеста за почитување на сообракајните правила и ненасилно решавање на конфликти и почитување на јавниот ред и мир“, се вели во документот.
Минатата година малолетниците во велешко не се сторители на потешки кривични дела како претходните години, како убиство и тешки кражби, па поради тоа од Основниот суд во Велес нема изречени мерки малолетнички затвор ниту за Воспитно-поправниот дом „Тетово“.
П. ПЕЧКОВ