ЛАНИ СЕКОЈ ТРЕТ ДЕН БИЛ ЗАГАДЕН ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕС

    ЛАНИ СЕКОЈ ТРЕТ ДЕН БИЛ ЗАГАДЕН ВОЗДУХОТ ВО ВЕЛЕСНајмногу загадени денови, 20, имало во февруари. (Фото: СДК.МК)

    Четири дена помалку лани велешани дишеле загаден воздух, со вредности над дозволената среднодневна концентрација на ПМ10 честички. Или во 2021 тоа биле 123 дена споредено со 127 дена од 2020. Дозволената вредност е 50 мг/м3. Тоа е за 88 дена повеќе од дозволениот број надминувања во текот на една календарска година кој согласно прописите е 35 дена, или секој трет ден лани воздухот во градот бил загаден. Ова се податоците од Одделението за животна средина при Општина Велес.

    „Ниту еднаш во 2021 година не е надминат прагот на алармирање, тоа е два последователни денови со среднодневни концентрации на ПМ10 поголеми од 200 микрограми/м3, кога треба да стапат на сила краткорочни мерки за заштита на населението од загадениот воздух. Прагот на информирање, над 100 микрограми/m3 во текот на два последователни дена е надминат три пати минатата година“,соопшти Општина Велес.

    Најмногу денови, 20, имало во февруари, а 19 во ноември, додека по 17 дена имало во јануари, октомври и декември. Најмалку имало во мај еден ден, и по два дена во април и август и три во септември.

    Во средината на јули, пет дена во Велес беа измерени повисоки вредности на ПМ10 честички во воздухот. Вакво нешто нe се помни дека се случило среде лето. Од Државниот инспекторат за животна средина тогаш објаснуваа дека тоа не е локален проблем, туку е резултат најверојатно на топлотниот бран од Сахара којшто ја зафати земјата и енормната количина на прашина којашто се чувствува во воздухот, бидејќи такви вредности имаше и во други градови во земјава. Последните два дена од јули, во ноќните часови жителите на Велес се гушеа од чад, поради пожарот на депонијата за смет.

    Велешките екологисти велат дека загадувањето е намалено само статистички.

    „Состојбата во градот е загрижувачка, посебно во грејната сезона иако дел од граѓаните, според наши сознанија, се расположени да го променат начинот на затоплување во поеколошки начин – греење со помош на палети или инвертор клими. Оваа сезона ситуацијата е поинаква поради најавите дека струјата ќе претрпи значајно зголемување на цената. Бидејќи бројките покажуваат неколкукратно зголемување на загадувањето од ПМ10 и ПМ2,5 честички, целта на мерењето од мерните станици е преку нив да се детектира изворот на загадување и согласно со тоа да се преземат конкретни мерки за негово намалување“, кажа Олгица Наумовска од Еколошкото друштво „Вила Зора“.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира