Лесно е да ги донесете луѓето до одреден простор, но тешко е да го соберете она што ќе остане како ѓубре после тоа, е заклучокот од одбележувањето на 70-годишнината од прогласувањето на Пелистер за национален парк, прв во поранешна Југославија, а 13-ти во Европа. Портпаролот на Националниот парк „Пелистер“ Пеце Цветановски беше запашан дали развојот на туризмот бара и изградба на други патишта низ планината.
„Вистината покажува дека некогаш е подобро само до одредено одредиште да имате подобар и поширок пат, а потоа да се пешачи и да биде потешко за движење за да не се загадува околината. Лесно е да ги донесете луѓето, но тешко е да го соберете отпадот после тоа. Ние се трудиме после сите активности на планина да се собере тој отпад, редовно го отстрануваме. Но, ако сакаме Пелистер да ни биде убав и чист ќе треба помали дестинации да бидат направени како патишта достапни до одредена локација“, рече Цветановски.
Отпадот што посетителите го оставаат зад себе го чистат шумарите, ренџерите, планинарите. За јубилејот на „Пелистер“ беше поставена и изложба на фотографот Петар Ставрев за да се прикажат убавините на овој еколошки предел кој треба да се зачува чист.
„Ѓубрето најчесто на Пелистер го прават билкарите и други гости, а планинарите отпадот во ранецот го враќаат назад. На Неолица има и парола: ‘Ѓубрето е во вашиот ранец’. На некои од планините во странство ви го мерат ранецот кога се качувате и кога ќе слезете за да видат дали сте си го вратиле и ѓубрето. Паркот и планинарските друштва редовно организираат акции за чистење на Пелистер“, вели Ставрев.
Тој располага со над 10.000 фотографии од Пелистер и ова му беше над 50. изложба на оваа тема. Крај фотографиите имаше и мисли: „Шетај по шумските патеки за да не шеташ по градските аптеки“. Пелистер со својата убавина и чист воздух годинава успеал да привлече околу 7. 000 посетители, од кои 15 проценти се странци. Се очекува бројот на биде поголем, зашто до крајот на годината влезот во паркот за битолчани е бесплатен.
Пелистер со години развива туризам само со еден асфалтиран пат кој води од подпелистерските села до хотелот „Молика“. Дел од патот беше преасфалтиран пред три години, но се чувствува потреба од негово проширување. Има места каде возилата одвај се разминуваат.
„Остануваат други работи кои во идина треба да се направат, а во изминатите години не се успеало. На пример, да се направи нов асфалтен проширен пат кој ќе донесе повеќе луѓе и ќе имаат можност да уживаат во планината. Но, тоа е грижа пред сѐ на државата и општините каде што припаѓа паркот, на Битола и Ресен“, рече Цветановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА