И летово на локалитетот Стоби се одвива летната меѓународна школа за археологија. При годинашниве работи на археолозите и студентите кои се одвиваат на објект наречен затвор, биле откриени нови моменти кои му даваат ново значење на објектот. Активностите се фокусирани јужно од Теодосијанската палата, каде што се работи од 2014 година.
„Идејата беше да ја откриеме релацијата помеѓу најубавата палата на локалитетот Теодосијанската, која е од 4. и 5. век и еден мистериозен објект кој се нарекува затвор, според ископувањата од 1920/30 година. Со нашите ископувања докажавме дека тоа се два различни објекта, одвоени со улица. Затворот не ни беше приоритет сè до оваа сезона, кога ги истраживме објектите кои биле изградени во 6. век, користејќи ги неговите ѕидови. Откривме дека тој објект, наречен затвор, има две простории кои се засводени, можеби и подземно засводени. Како археолози, сега се сомневаме дека бил затвор, немаме аргументи за такво нешто. Сметаме дека тоа е повеќе светилиште, храм кој досега бил непознат. Добивме објект кој досега не бил познат на јавноста“, кажа Гоце Павловски, архолог во НУ Стоби.
Летната школа за археологија се реализира од 2010, а годинава е 13. по ред. Не се одржуваше само во време на ковид пандемијата. Учествуваат 19 студенти, кои преку теренска работа учат за најосновните методи за археолошки ископувања и документација.
„Освен работата на терен, студентите имаат предавања. Го обработуваат материјалот кој го откриле, работат и документација за предметите кои се пронајдени. За викендите имаат едукативни екскурзии на различни локации, како Хераклеја, Скопје, Охрид или Пела“, вели Павловски.
Најголем број студенти што можат да се примат на летната школа е 19 поради капацитетот за сместување. Годинава има студенти од САД, Канада, Обединети Арапски Емираги, Холандија и Хонгконг. Студентите работат четири седмици, а ангажирани се преку фондацијата Балканско наследство од Стара Загора, Бугарија.
П. ПЕЧКОВ