ЛЕТОВО ПОД НАЕМ ЌЕ БИДАТ ДАДЕНИ НАД ИЛЈАДА СТАНОВИ ЗА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ВО БИТОЛА, КИРИЈАТА Е ОД 350 ДО 1.000 ЕВРА

    ЛЕТОВО ПОД НАЕМ ЌЕ БИДАТ ДАДЕНИ НАД ИЛЈАДА СТАНОВИ ЗА ИСЕЛЕНИЦИТЕ ВО БИТОЛА, КИРИЈАТА Е ОД 350 ДО 1.000 ЕВРАСе бараат претежно нови, опремени и комфорни станови во центарот на градот. (Фото: СДК.МК)

    Над илјада станови ова лето ќе бидат изнајмени во Битола од наши иселеници кои доаѓаат на одмор во родниот крај, што е скок во пазарот со недвижности во споредба со изминатите години, кога поради ковид кризата нивните посети беа изретчени. Ова ќе значи заработка за повеќе битолски семејства кои изнајмуваат становци, но и финансиска корист за локалното стопанство.

    Дејан Митев, сопственик на агенација за недвижности која на пазарот опстојува веќе пет години, вели дека се бараат претежно нови, опремени и комфорни станови.

    „Интересот е голем за изнајмување. Бараат убаво и комфорно сместување. Најчесто се бараат станови во централното градско подрачје, бидејќи 50 до 60 отсто од ислениците кои доаѓаат во посета на Битола се лица возрасни над 50 или 60 години. Да можат да прошетат низ чаршијата, да излезат на кафе на Широк Сокак и да ги посетат сите места кои им останале во сеќавање. Тоа се населбите Областа, Касарната, централното градско подрачје“, вели Митев.

    Месечната закупнина зависи од големината на станот и се движи од 350 до 1.000 евра.

    „Становите со една спална кои се доволно удобни, комфорни, нови и ги имаат сите услови се од 350 до 450 евра. Поголемите, поудобни станови од 400 до 600 евра месечна кирија. Луксузните станови стигаат од 800 до 1.000 евра месечно, тие се со стакларници, со големи соби, вид на големи апартмани“, додава Митев.

    Резервации на становите годинава почнуваа да се прават од јануари и февруари, а иселениците почнаа да доаѓаат од мај, шпицот ќе биде од 15 јули до 15 август.

    „Многу ретко ова лето да остане стан празен што е за изнајмување, посебно оние кои се добро удредени и имаат добра локација. Од десет станови да речеме девет се полни. Најмалку илјада станови ќе бидат изнајамени“, вели Митев.

    Освен за изнајмување, има интерес и за купување станови од иселениците кои не сакаат кога доаѓаат во посета на родниот крај да им бидат товар на роднините. Иако во Битола се намалува бројот на жители, сепак на пазарот со недвижности има обрт цело време, особено по пандемијата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира