Германската компанија „Лидл“ ја купи парцелата во индустриската зона Речица покрај автопатот Куманово-Табановце, за изградба на логистички дистрибутивен центар во државата. Според информацијата на градоначалникот Максим Димитриевски, земјиштето со површина од 17 хектари е продадено за 5,3 милиони евра.
„Вчера, Општина Куманово спроведе постапка за отуѓување на градежно земјиште во сопственост по пат на електронско јавно наддавање, со намена Г4-стоваришта и складови на локација во новата индустриска развојна зона во Горно Коњаре, место викано Новине и место викано Речица, во Општина Куманово. На јавното наддавање по пат на електронска аукција беа пријавени три компании, а најповолен понудувач со највисока понудена цена е компанијата ДТМ ‘ЛИДЛ’ Северна Македонија ДООЕЛ, со седиште во Скопје. Најповолната понуда изнесува 1906 денари за 1м2 или вкупно за 170.996м2 (17ха), и истата изнесува 325.920.015,00 денари или 5,3 милиони евра“, објави Димитриевски.
Тој најави дека во наредниот период ќе следи административната постапка за избор на најповолниот понудувач, и по исполнување на сите услови пропишани во јавниот повик, имотот ќе премине во сопственост на компанијата, по што ќе започне изградбата на центарот.
„Лидл“ во октомври лани најави дека бара локација за изградба на својот логистички центар, и интензивно работи на подготовките за отпочнување на работата, поради што веќе имале вработено 80 лица. Претставници на познатиот меѓународен малопродажен синџир „Лидл“, како од Националниот тим, така и со претставници на Меѓународниот управен одбор, тогаш имаа средба со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Во оваа фаза на подготовка, ‘Лидл’ веќе истражува различни начини за поддршка на локалните производители. Компанијата организираше извоз на македонски земјоделски производи во мрежата ‘Лидл’ во соседните земји. И ова е само еден пример од целокупното партнерство на ‘Лидл’ со добавувачите и производителите кое е насочено кон докажување на секојдневната поддршка и соработка како доверлив партнер во бизнисот. Целта на средбата беа планираните активности во делот на инвестициите и развојот на оваа компанија во Македонија и поддршката од Владата и институциите за успешна реализација на овој проект“, соопшти тогаш Владата.
С. НИКОЛИЌ