На последните локални избори, од 80 општини во државата на кандидатските листи од политичките партии за советници во Општините имало само 9 лица со попреченост, а само две општини имаат избрано по еден советник. Овие податоци беа објавени на панел-дискусијата на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ во Тетово, каде се дискутираше на темата „Политичко учество на лицата со попреченост“.
„Од нашите истражувања, како прва невладина организација од Западен Балкан која има набљудувачи на изборите кои се лица со попреченост и вршат набљудување од страната на попреченоста, утврдивме дека 76 проценти од гласачките места не се пристапни за лица со попреченост. Овие избирачки места најчесто се во училишта, па се прашуваме како учениците со попреченост понатаму ќе се образуваат ако училиштата им се непристапни. Исто така заклучивме дека лицата со попреченост не се вклучени во телата на политичките партии и ги нема на изборните листи или ако ги има, а то е многу ретко, тие се ставени на дното од листите без никакви изгледи да бидат избрани, со што служат само како декор. На последните локални озбори на листите имаше само 9 лица со попреченост од кои само двајца беа носители на листи и сега тие се претседатели на Советите во Општините Дојран и Струга. Ова е многу малку и затоа ќе бараме за следните избори побараме да има квота за лица со попреченост како што има квоти за пол и националност. Ќе бараме да има најмалку три лица со попреченост на една листа“, изјави Благица Димитровска од „Инклузива“.
Васка Бајрамовска-Мустафа од заменичка-Народен правобранител, вели дека политичкото учество на лицата со попреченост не треба да биде изразено само преку нивното право на глас, туку тоа политичко учество треба да биде многу пошироко и да ги зафаќа сите сегменти на политиката.
„Настанот кој се одржува денеска го отвара прашањето за политичкото учество на лицата со попреченост кое што е многу пошироко од она што значи право на глас, бидејќи избирачкото право е само едно право. Учеството на лицата со попреченост во остварувањето на правото за учество во политиката и во јавниот живот е само еден од проблемите и правата кои нецелосно, недоволно или пак некаде воопшто не се остваруваат “, вели Бајрамовска-Мустафа.
Здружението „Инклузива“ има одржано повеќе обуки за организациите на лицата со попреченост каде тие се запознаваат со нивните права во процесот на гласањето, а воедно и се мотивираат за нивно поголемо учество во политиката и донесувањето одлуки кои се однесуваат на нивните права.
З. АНДОНОВ