ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕС, ИЗГОРЕА 200 ХЕКТАРИ ШУМА СО ЦРН БОР СТАРА ПОЛА ВЕК И СВИЊАРСКА ФАРМА

    ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАРОТ КАЈ ВЕЛЕС, ИЗГОРЕА 200 ХЕКТАРИ ШУМА СО ЦРН БОР СТАРА ПОЛА ВЕК И СВИЊАРСКА ФАРМАПедесет години ќе треба да се обноват шумите околу рекреативниот центар Езеро Младост што изгореа во осумчасовниот пожар. (Фото: Пожарна Скопје)

    Огнот кој  осум часа му се закануваше на Велес е локализиран.  Изгорена е голема површина со борова шума и сува трева, а материјалната штета е огромна. Околината на омиленото велешко излетиште Езеро Младост е пеплосана.  Во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари од Велес, Свети Николе, Штип, Кавадарци, Неготино и Скопје, како и два ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден армиски хеликоптер. Ним на помош им дошле и околу 150 вработени од ЈП Македонски шуми и стотина вработени од велешкото јавно комунално претпријатие Дервен со цистерни и припадници на АРМ.

    Од полиција најавија дека утре ќе ги објават деталите за сторители на пожарот, кој бил предизвикан поради невнимание. Четворица вработени во браварска работилница вршеле работа, при што од искрење се запалила блиската трева, а огнот бргу се проширил и предизвика огромна штета.

    „Вкупно се опожарени 400 хектари површина,  од нив изгорена е педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева“, изјави Зоран Ѓеоргиев директор на ЈП Македонски шуми.

    Стручњаците предупредуваат дека исто толку години, педесет,  ќе треба да се обноват шумите околу рекреативниот центар Езеро Младост, кој не го користеа само велешани.

    „Изгорена е свињарска фарма и една викендичка. Вечерва пожарот е локализиран. Имаме дежурни екипи кои се на терен и се внимава на можноста огнот повторно да пламне. Го локализиравме и пожарот кој пламна близу село Ораовец, кое е во друг дел од Општината. Таму гореше нискостеблеста дабова шума, изгореа десетина хектари“, рече Љупчо Лепидовски, командир на Пожарната на Велес.

    Огнот кој пламна околу 11,40 на влезот во Велес од правец на Скопје, потоа се префрли кон Езеро Младост и автопатот Велес – Скопје, па се спушти до автопатот  Скопје – Велес кај наплатна рампа Сопот. Поради тоа, неколку часа автопатот беше затворен за сообраќај.  Во еден момент огнот се приближи до населбата Отовица, но со ангажман на ангажираните лица, биле ископани ровови, поставена земја за пожарот да не се прошири и населбата била спасена.

    „Беше драматично, пожарот се приближуваше, но се спасивме инаку сè ќе изгореше“, велат жителите на Отовица. Попладне силниот северен ветер го распламти огнот и тој се распламти на влезот во Велес, по што изгоре еден дел од отпад Дине.

    Од  Македонски железници велат дека патничкиот воз од Велес за Кочани не отпатувал, нема да сообраќа ниту утринскиот од Кочани за Велес. Од огнот изгореле стотина железнички прагови и стручни лица треба да решат дали делницата до Кочани е употреблива. Во гаснењето на огнот учествувал и железничкиот противпожарен воз.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира