ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАРОТ НА БОГОРОДИЦА, ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ОТВОРЕН ЗА СООБРАЌАЈ

    ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАРОТ НА БОГОРОДИЦА, ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ОТВОРЕН ЗА СООБРАЌАЈПожарот зафати огромна површина борова шума, а поради ветрот се прошири на грчката територија, ја зафати и граничната караулата на АРМ каде изгоре и едно полициско возило. (Фото: СДК.МК)

    По четири часа, ставен е под контрола пожарот во шумскиот појас крај македонско-грчката граница, на потегот меѓу месноста Милци и граничниот премин Богородица. Според Општина Гевгелија, пожарот зафати околу 30 хектари борова шума, а поради ветрот се прошири до грчката територија, ја зафати и граничната караулата на АРМ каде изгоре и едно полициско возило.

    Вечерва околу 20 часот граничниот премин Богородица повторно беше отворен за сообраќај. Поради пожарот повеќе од два часа беше во прекин и сообраќајот кон Грција преку Богородица, а сите возила се пренасочуваа преку Дојран.

    „Граничниот премин Богородица е отворен за сообраќај и добро е што избегната е голема опасност со оглед на капацитетите што се наоѓаат овде и преставуваат двигател на локалната економија“, ни изјави градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков.

    Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов попладнево беше во Гевгелија. Кажа дека во земјава оперираат во моментов два армиски хеликотпера кои учествуваат во гасењето на пожарите, а пристигнале и три хеликоптери од Србија кои се очекува да почнат да оперираат на терен.

    „Во моментов, имаме два армиски хеликоптера кои гаснат пожари и затоа рационално ги користиеме и ги шетаме од едно на друго место. Во секој момент треба да почнат дејствуваат и три хеликоптери од Србија“, кажа Ангелов.

    Пожарот кај Богородица избувна околу 13 часот а во Југоисточниот Регион уште е активен и пожарот кај валандовското село Погана.

    Пожарот е локализиран и со помош од воени хеликоптери, при што е отстранета опасноста за објектите на потегот кон преминот Богородица. На терен е гевгелиската Противпожарна единица и Комуналец кои учествуваат во локализирањето на пожарот.

    Од Општина Гевгелија велат дека е избегната поголема катастрофа зашто пожарот не ги зафати граничниот премин, хотелите „Фламинго“ и „Принцес“ и двете бензински пумпи „Шимов“ и „Окта“.

    В. ТРАЈКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира