ЛОШИОТ ПЛАН ЗА МАЛ РИНГ ГО МЕНУВАМЕ СО ПОКВАЛИТЕН, ЗАИНТЕРЕСИРАНИТЕ НЕКА ДОЈДАТ УТРЕ НА ЈАВНАТА ПРЕЗЕНТАЦИЈА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР БОГДАНОВИЌ

    ЛОШИОТ ПЛАН ЗА МАЛ РИНГ ГО МЕНУВАМЕ СО ПОКВАЛИТЕН, ЗАИНТЕРЕСИРАНИТЕ НЕКА ДОЈДАТ УТРЕ НА ЈАВНАТА ПРЕЗЕНТАЦИЈА, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЦЕНТАР БОГДАНОВИЌ„Против проектот 'Скопје 2014', кој е легален криминал, се бориме со легални средства. Досега како градоначалник, не дозволив да се изградат Шпански скали во Централното градско подрачје, заедно со граѓаните се боревме и не дозволивме да се изгради катна гаража во паркот позади Домот на АРМ“, вели градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ за новиот план за Мал Ринг. (Фото: СДК.МК)

    Утре во 10 часот во салата на Советот на Општина Центар  во барака бр. 6, ќе се одржи јавната презентација на предлог-Деталниот урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1. Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ вели дека Општината ги повикува сите заинтересирани да дојдат на јавната презентација и да ги искажат своите ставови и предлози за изготвување на квалитетен Детален урбанистички план.

    Богдановиќ вели дека Општина Центар досега не преземала никакви дејствија со кои се нанесува штета на Општината или државата, откако Aсоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) денеска побара од Општина Центар да го повлече и преработи Предлог-Деталниот урбанистички план, а во петокот тоа го побара и советничката од Центар Јана Белчева-Андреевска.

    „Причината поради која бараме да го повлечете предлог-планот е едноставна. Во планот се планирани истите објекти кои беа спорни и во претходниот криминален план со кој беше овозможена изградба на објектите од таканаречениот проект ‘Скопје 2014’“, реагираат од Асоцијацијата.

    Спомениците и фонтаните на Александар Македонски, Филип Втори и други споменици дел од проектот „Скопје 2014“ се избришани од новиот, ревидиран Детален урбанистички план Мал ринг кој од 6 јули е на јавна анкета. Со измените на планот отстранети се сплавовите во Вардар и Шпанските скали, но останат е деловниот објект во склоп на овој проект, како и споменикот на Мајка Тереза и катната гаража кај Собранието. Од Општината велат дека споменикот на Мајка Тереза има активно одобрение за градба, а за Шпанските скали и катната гаража се водат судски постапки. Избришана е маркичката за катната гаража зад зградата на „Телеком“ на Плоштад Македонија.

    „Ние само лошиот ДУП го менуваме со поквалитетен. Против проектот ‘Скопје 2014’, кој е легален криминал, се бориме со легални средства. Досега како градоначалник, не дозволив да се изградат Шпански скали во Централното градско подрачје, заедно со граѓаните се боревме и не дозволивме да се изгради катна гаража во паркот позади Домот на АРМ. Во Центар сврте бројчаникот, вративме 30 милиони денари, пари на граѓаните од Мостот Око. Во предлог планот ги избришавме трите неизградени галии, 15 сендвичари или киосци, фонтани и споменици, за кои не се започнати управни дејствија. Успеавме и да го избришеме Газебото пред МЕПСО, како и да го збогатиме просторот со нови зелени површини (во западниот дел на улица Орце Николов). Против криминалот се бориме со легални правни средства: Поднесов до ОЈО 27 кривични пријави за проектот Скопје 2014. Како голем успех го сметаме проектот што сите државни парцели наменети за згради ги пренаменивме во објекти за култура “, вели Богдановиќ.

    За одржување на утрешниот настан, вели градоначалникот, ќе бидат почитувани сите препораки и мерки за безбедност од коронавирусот. Согласно капацитетот на салата и за да нема поголемо групирање на граѓаните, јавната презентација ќе се одржи во две групи, првата во 10 часот, а втората од 12:30 часот. При влезот во салата, задолжително ќе се мери телесна температура, а правните и физичките лица кои ќе сакаат да присуствуваат ќе мора да се придржуваат до мерките, односно да го запазат минимум потребното растојание помеѓу нив, да се дезинфицираат со средствата за дезинфекција при влегувањето во салата на Советот и на себе да носат заштитна опрема, односно заштитна маска, шал или марама.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира