СПОМЕНИЦИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ГИ НЕМА ВО НОВИОТ ДУП „МАЛ РИНГ“, ОСВЕН МАЈКА ТЕРЕЗА И ОБЈЕКТОТ ШПАНСКИ СКАЛИ

    СПОМЕНИЦИТЕ ОД „СКОПЈЕ 2014“ ГИ НЕМА ВО НОВИОТ ДУП „МАЛ РИНГ“, ОСВЕН МАЈКА ТЕРЕЗА И ОБЈЕКТОТ ШПАНСКИ СКАЛИЗа дел од спомениците и фонтаните не смее да се оформуваат градежни парцели како што било правено. Со измените спомениците остануваат како постоечка состојба, но не може да се гради или доградува, како што беше предвидено со претходниот план. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Спомениците и фонтаните на Александар Македонски, Филип Втори и други споменици дел од проектот „Скопје 2014“ се избришани од новиот, ревидиран Детален урбанистички план „Мал ринг“ кој од вчера е на јавна анкета. Со измените на планот отстранети се сплавовите во Вардар и Шпанските скали, но останат е деловниот објект во склоп на овој проект, како и споменикот на Мајка Тереза.

    „За дел од спомениците и фонтаните не смее да се оформуваат градежни парцели како што било правено. Со измените спомениците остануваат како постоечка состојба, но не може да се гради или доградува, како што беше предвидено со претходниот план. Исто така избришани се маркички за трите неизградени сплавови од левата страна на Вардар“, велат од Општина Центар.

    Планот „Мал ринг“ во времето на ВМРО-ДПМНЕ кога градоначалник на Општина Центар беше Владимир Тодоровиќ претрпе најмногу измени за да се смени цел лик на центарот на градот во барок. Како што објаснуваат стручните служби во Општина Центар оваа градска четврт е во голем дел реализирана и остануваат мал број градежни парцели за реализација односно можност за развој имаат само 18 од 167 парцели.

    „Оние парцели кои се во сопственост на државата или во доминантно државна сопственост, Општина Центар ги заштити и им даде намени од област на културата и зеленило. На пример во блок 5 ќе може да се изградат објект од култура и државни институции, а со претходниот план биле предвидени станбени згради. Мали парчиња земјиште кои претходно не биле воопшто третирани со планот, сега се предвидени за мали зелени површини. Целиот простор северно и јужно од улица Димитрие Чуповски се третира како јавна површина, режимски пристапни улици каде предност ќе имаат пешаците. Најголем дел од објектите се третирани како објект-парцела за да не може во иднина просторот околу нив да се оградува и продава, туку да остане секогаш јавен“, објаснуваат од Општина Центар.

    Со новиот план спречено е изведувањето на тремови врз јавен простор на потегот од ТЦ „Сити Галери“ накај Градскиот трговски центар. Избришани се одредбите со кои се условуваат сите нови објекти и реконструкции на постоечките да мора да се прават во дефинирани стилови како барок, и класицизам. Наспроти тоа, има нови одредби за 20 отсто зеленило и задолжително паркирање за возила и за велосипеди во своја парцела.

    Локациите за барокни киосци кои не се продадените исто така се избришани и земјиштето останува јавен простор. Претходно биле предвидени 20, сега остануваат само 5 односно оние кои веќе се отуѓени.

    Со новиот Детален урбанистички план не се избришани маркичките за деловниот објект во склоп на Шпанските скали, споменикот на Мајка Тереза и на катната гаража кај Собранието. Од Општината велат дека споменикот на Мајка Тереза има активно одобрение за градба, а за Шпанските скали и катната гаража се водат судски постапки. Избришана е маркичката за катната гаража зад зградата на „Телеком“ на Плоштад Македонија.

    Јавната анкета за Предлог Детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 Мал Ринг 1 ќе трае о 31 јуни односно 4 недели поради значењето на просторот кој е предмет на планирање.
    Планот ќе биде изложен во просториите на УЗ „Мирче Ацев“ на улица Орце Николов 29 и граѓаните со почитување на сите мерки за носење маска и растојание може да имаат увид во него секој работен ден од 8 до 16 часот и да пополнат анкетен лист во урбаната заедница. Планот исто така е поставен на веб-страницата на Општина Центар, а анкетниот лист го има во електронска форма, така што граѓаните може да испратат забелешки и на [email protected]. Јавната презентација на планот ќе се одржи на 22 јули, во 10 часот во салата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира