Лозари синоќа ги блокираа двата влеза на винарската визба „Повардарие“ од Неготино и си ги бараат парите за предаденото грозје во 2014, 2015 и неисплатениот дел од втората рата за 2016 година.
„Протестот го пријавивме и во полиција, а го известивме и претседателот на регионалниот Сојуз на лозари ‘Агротиквешија’, Љупчо Аризанов. Се сомневаме дека парите кои ни ги должи винарницата нема да ни бидат исплатени, па затоа се решивме на ваков чекор. Ги блокиравме двете капии на винаријата. Според нашите сознанија, најверојатно ќе се полнат цистерни со вино, па решени сме да не им дозволиме да излегува вино од капацитетот, додека не си ги намират обврските кон нас. Доста беше лажење. Можеби не сме многу, нè има неколкумина од неколку разни краеви на Тиквешко како најголем лозаровинарски регион во Македонија, но сме решени да истраеме во нашите намери, а ги повикуваме да ни се придружат и другите лозари кои имаат за земање пари од винарницата“, вели неготинскиот лозар Коле Мицев.
Тој вели дека според нивните сознанија, лозарите побарувале околу 800 илјади до еден милион евра за грозјето предадено во 2014 и 2015 година.
Помеѓу лозарите кои протестирале, имало и такви кои побарувале и по давесет илјади евра од винаријата.
„Студено е, ама ние остануваме пред винаријата“, ни рече Златко Ефтимов.