ЛОЗАРИТЕ НА СРЕДБА СО ВИНАРИЈАТА „ТИКВЕШ“, ДОГОВОРЕН ОТКУП НА ГРОЗЈЕТО ПО ПОВИСОКИ ЦЕНИ ОД ЛАНСКИТЕ

    ЛОЗАРИТЕ НА СРЕДБА СО ВИНАРИЈАТА „ТИКВЕШ“, ДОГОВОРЕН ОТКУП НА ГРОЗЈЕТО ПО ПОВИСОКИ ЦЕНИ ОД ЛАНСКИТЕВинарската визба „Тиквеш“ годинава планира да откупи 30 илјади тони грозје, а има две илјади комитенти со кои соработува.(Фото: Тиквеш)

    За два до три денари повеќе од лани винарската визба „Тиквеш“ ќе го откупува годинашниот род на грозјето. Оваа информација беше објавена на денешната средба на лозарите со раководството на комбинатот.

    „Лани откупна цена беше 13 денари за килограм вранец. Годинава нашата цена е 16 денари. Смедеревката се откупуваше лани за 10, ‘Тиквеш‘ даваше 11 денари, а годинава ќе ја плаќаме 12 денари за килограм. Годинава ќе биде тешка за откуп, не ве плашам туку реално  ги гледам состојбите“, кажа Светозар Јанески претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“.

    Винарската визба „Тиквеш“ годинава планира да откупи 30 илјади тони грозје, а има две илјади комитенти со кои соработува. Винаријата 60 отсто од виното го извезува на странски пазар. Во „Тиквеш“ се исклучително задоволни од досегашниот одзив и комуникацијата со лозарите, како и од текот на процесот на потпишување договори и очекуваат дека оваа година ќе бидат потпишани и над 2000 договори за деловна соработка со лозарите.

    Единствена забелешка од лозарите беше што наспроти осетното зголемување на откупната цена на вранецот и смедеревката,  грозјето за сортните вина е со повисока цена од 5 до 7 отсто.

    „Не би рекол дека стапката е мала, ‘Тиквеш‘ со години наназад плаќа највисоки цени за сортните вина на пазарот. Се работи за основна цена, постои цел сет на бонуси  кои следат ако лозарот исполни одредени стандарди за квалитетно грозје“, рече Радош Вукичевиќ, генерален директор на „Тиквеш“.

    Годинава се очекува рекорден род на грозје во земјава, но ќе се јави проблем со откупот, оти  останаа малку визби кои откупуваат.

    П. ПЕЧКОВ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира