Луна паркот во Скопје ќе се гради според комплетно нов проект. Во буџетот за 2019 година на Град Скопје предвидени се пари за изработка на проект, изградба, набавка и монтирање на реквизити. За изработка на проектот се предвидуваат 4 милиони денари, 26 милиони денари за набавка на реквизити и нивно монтирање и 50 милиони денари за изградба на паркот или вкупно 1,3 милиони евра.
Иако проектот не е сè уште готов градските власти предвидуваат тој да зафаќа поголема површина од сегашната односно да се прошири на просторот каде сега се наоѓаат летните дискотеки во Градски парк. Исто така наместо Луна парк тој ќе се вика Забавен парк, односно ќе има содржини и реквизити за различни возрасти и многу повеќе отколку што беа предвидени со претходниот проект.
Градоначалникот Петре Шилегов во март годинава ја стопираше изградбата на Луна паркот според проектот на неговиот претходник Коце Трајановски. Шилегов тогаш рече дека дал налог да се стопираат градежните работи додека не се одлучи како ќе се продолжи бидејќи новото раководство имало нов концепт за изгледот и содржините.
Од Град Скопје велат дека проектот за новиот Забавен парк ќе биде готов кон почетокот на оваа година по што ќе биде презентиран и тогаш ќе се знае колку ќе чини.
Луна паркот почна да се гради во април 2017 година по идеен проект изработен од „Билд урбан“ ДООЕЛ Скопје, а за изведувач на градежните работи беше избрана фирмата „Жикол“. Тогашниот градоначалник Коце Трајановски кажа дека ќе биде на површина од околу 25.000 квадратни метри и со изградбата нема да се зема од зеленилото од Градскиот парк. Трајановски кажа дека тој ќе чини 6,5 милиони евра и ќе се гради етапно. Во првата фаза беше предвидено изградба на инфраструктура и објекти кои се неопходни за функционирањето на забавниот парк, како што се влезнo-излезна партија, објект за администрација, тоалети и други придружни објекти, партерно и хортикултурно уредување. Паралелно со изградбата на инфраструктурата, во оваа фаза требаше да се постават седум реквизити.
Според проектот во паркот требаше да се постават вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински реквизити, 6 семејни и 18 детски реквизити, како и разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забави.
А. АНТЕВСКА