ЛУТИ ПИПЕРЧИЊА ЗА НЕСОВЕСНИ ВОЗАЧИ И ПЕШАЦИ СЕ ДЕЛЕА ВО БИТОЛА

    ЛУТИ ПИПЕРЧИЊА ЗА НЕСОВЕСНИ ВОЗАЧИ И ПЕШАЦИ СЕ ДЕЛЕА ВО БИТОЛАНа симболичен начин во Битола беше одбележан Денот на сообраќајната култура. (Фото: СДК.МК)

    Лути пиперчиња за несовесните возачи и пешаци, а брошови за совесните делеа денес во Битола полицајците во придружба на ученички сообраќајни единици. Вака на симболичен начин во Битола беше одбележан Денот на сообраќајната култура од страна на СВР, Општинскиот совет за безбедност на патиштата и со клубовите на моторџии.

    „Како најчести прекршоци во сообраќајот од страна на пешаците се непочитување на пешачкиот премин, од страна на возачите неприлагодена брзина, користење на мобилни телефони додека возат, некористење на сигурносен појас, технички неисправни возила, непродолжена важност на возачката дозвола“, рече Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.

    Сепак, таа нагласи дека во последно време намален е бројот на жртви во сообраќајќите, а бројот на несреќи со тешки телесни повреди е во намалување.

    „Пешаците се најранливата категорија токму во вечерните часови поради неосветлените пешачки премини. Па поставивме дизајнерски пешачки премин за да посветиме повеќе внимание на сообраќајната инфраструктура. И пешаците во голема мера не ги почитуваат правилата. Имаат право на првенство на минување, но не на неприкосновено“, рече Јасмина Буневска Талевска, претседател на Општински совет за безбедност на патиштата.

    Во однос на инфраструктурните решенија во Битола таа рече дека проблемите се таложени со години и се резултат на едни стихијни, парцијални решенија кои во преден план ја ставале повеќе политиката отколку праксата.

    „Време е во Битола зборот сообраќај да се замени со мобилност. Одржливо управување со градовите и секој да почне од себе од своето дом, работно место. Ние ги претворивме зоните за домување во паркиралишта, а не во зони за играње деца“, рече Буневска Талевска.

    Кон акцијата се приклучија и мото клубовите со цел да се упати порака за безбедно учество во сообраќајот, а посебно за носење кацига.

    Лутите пиперчиња и брошевите беа донација од мото клубот ,,Ѓорги Стефановски” и претседателот Даниел Ивановски

    „Лутите пиперчиња ги даваме за несовесни возачи да им залути да видат како е. Има и проблеми кај моторџиите и несовесни граѓани кои не нѐ сметаат како да не сме дел од сообраќајот“, рече Ромео Јовановски од Мото клуб „Конзули“.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира