МАЈКИ НА ДЕЦА ДО ТРИГОДИШНА ВОЗРАСТ ОД ВЕЛЕС РАБОТАТ НОЌНА СМЕНА СО ПИСМЕНА СОГЛАСНОСТ ДАДЕНА ПОД ПРИНУДА, РЕАГИРА ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ

    МАЈКИ НА ДЕЦА ДО ТРИГОДИШНА ВОЗРАСТ ОД ВЕЛЕС РАБОТАТ НОЌНА СМЕНА СО ПИСМЕНА СОГЛАСНОСТ ДАДЕНА ПОД ПРИНУДА, РЕАГИРА ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТРаботничките од Велес биле уценувани зашто имале склучени договори за вработување на определено време. (Фото: СДК.МК)

    Работнички од Велес реагирале до Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП) бидејќи работеле прекувремено и ноќе, иако имале деца до едногодишна возраст. Други, пак, во реакцијата до ХКЧП навеле дека дале писмена согласност под принуда дека ќе работат ноќе, иако имале деца до тригодишна возраст, сето ова во време на пандемијата на коронавирусот.

    „Работничките, кои се мајки на деца до тригодишна возраст, се во работен однос со склучени договори за вработување на определено време. Тие биле уценувани од работодавачот дека доколку не потпишат писмена согласност дека ќе работат прекувремена и ноќна работа, нивните договори нема да бидат продолжени. Под страв дека ќе останат без средства за егзистенција во период на пандемија, работничките ги потпишале согласностите. Работодавачот знаел дека тие стравуваат да не го изгубат своето работно место и дека со нивните потписи тешко би се докажало пред трудовиот инспекторат и обвинителството дека тие не се согласни да работат ноќна и прекувремена работа, поради што ја злоупотребил нивната положба. Тој не само што ги принудил да работат на ваков начин, туку и не им ја исплатил прекувремената работа, за што Државниот инспекторат за труд утврдил неправилности, по пријава од Хелсиншки комитет“, кажаа од Хелсиншки комитет за човекови права.

    Тие појаснуваат дека Законот за работни односи предвидува посебна заштита при бременост и родителство во врска со ноќната и прекувремената работа. Согласно овој Закон, за време на бременост или при дете до едногодишна возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе (член 164, став 1). На работничката која има дете на возраст од една до три години може да ѝ се наложи да врши прекувремена или ноќна работа само по нејзина писмена согласност (164, став 2). Писмената согласност мора да биде дадена слободно и своеволно, без принуда и закана.

    „Ваквиот начин на постапување на работодавачот, кој буквално ги принудил работничките да работат ноќна и прекувремена работа, претставува кривично дело против работните односи и ги повредува одредбите за ноќна и прекувремена работа, за што е предвидена парична казна или казна затвор до една година“, потенцираат од Хелсиншки комитет.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира