Шимпанзото Коко е излечен од депресија и во септември ќе се врати во скопската Зоолошка градина од Холандија, каде беше на ресоцијализација девет години.
Директорот на Зоолошката градина Ѓорѓи Галетановски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека зоолозите во престижната Институција за ресоцијализација на шимпанза „Алмере“ во Амстердам, ги известиле дека ресоцијализацијата на Коко е успешна и дека тој може да се врати во Скопје, каде што е роден. Во моментов вели Галетановски при крај е изградбата на новото живеалиште за Коко, кое ќе биде според најсовремените стандарди на Европската асоцијација на зоолошки градини (ЕАЗА).
„Коко се враќа заедно со три шимпанза со кои изминативе години се дружеше во Холандија. Две женки и едно машко, нема да биде сам, како што беше пред да замине на ресоцијализација. Живеалиштето е при крај. Сега се уредува внатрешноста и во него ќе има одлични услови. Ќе има затворен и отворен дел, а ќе обезбедиме и голем број играчки за Коко и другарите“, вели Галетановски.
Шимпанзото Коко замина на ресоцијализација во Холандија бидејќи беше во депресија во април 2009 година. Тогашното раководство на Зоолошка најави дека Коко ќе се врати за една година, но сепак лекувањето на депресијата траеше девет години.
Коко е роден во скопската Зоолошка градина. Кусо време по неговото раѓање мајка му умрела од туберколоза и оттогаш Коко беше во депресија. Во Холандија замина на 13 години и сега има 22 години.
А. АНТЕВСКА