МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ЌЕ РАБОТАТ НА 37 ПРЕКУГРАНИЧНИ ПРОЕКТИ ЗА КОИ ЕУ ОДОБРИ 36,2 МИЛИОНИ ЕВРА

    МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ЌЕ РАБОТАТ НА 37 ПРЕКУГРАНИЧНИ ПРОЕКТИ ЗА КОИ ЕУ ОДОБРИ 36,2 МИЛИОНИ ЕВРАВо Струмица почна едукацијата на македонски и грчки апликанти за имплементација на проектите (Фото: СДК)

    Македонија и Грција во наредните две години заедно ќе потрошат 36,2 милиони евра што Европската Унија ги одобри за реализација на 37 проекти од програмата за прекугранична соработка.

    Во Струмица почна едукацијата на апликантите од македонска и од грчка страна за имплементација на проектите кои ќе бидат во функција на граѓаните во пограничните појаси. Како што кажа Александрос Самарас од Управувачкиот орган за прекугранична соработка на ЕУ, станува збор за проекти кои ги детектираат и решаваат заедничките проблеми и потреби на граѓаните од двете страни на границата.

    „Реализацијата на претходните прекугранични проекти ми дава за право да очекувам видливи резултати и од овој повик. Станува збор за проекти кои значат отворање нови работни места, заедничко справување со ризици и катастрофи, подобрување на инфраструктурата и поквалитетни здравствени услуги во пограничните региони. Со заедничкото работење на овие проекти, се зацврстува соработката помеѓу општините, граѓанскиот сектор и институциите од двете страни”, изјави Самарас.

    Освен овие 37, деновиве се очекува зелено светло да добијат уште три проекти. Тие треба да се реализираат за период од 18 до 24 месеци. Грчките апликанти ќе добијат 22,2, а македонските за својот дел од проектите 14 милиони евра.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира