МАКЕДОНИЈА ЗАБРЗАНО СЕ ГАСИФИЦИРА, НО ФАЛАТ КАДРИ ЗА ГРАДЕЊЕ ГАСОВОДИ

    МАКЕДОНИЈА ЗАБРЗАНО СЕ ГАСИФИЦИРА, НО ФАЛАТ КАДРИ ЗА ГРАДЕЊЕ ГАСОВОДИМагистралата преку која ќе се пренесува гасот до Битола е веќе стигната до Битолско (Фото: СДК.МК)

    Во времето кога добар дел од градовите имаат најавено гасификација и чекаат да им стигне гасот и да изградат секундарна инфраструктура, пазарот во Македонија кубури со кадри специјализирани за гасоводи.

    Еден од градовите каде што први индустриски капацитети наесен треба да се поврзат на гасната мрежа е Битола. Специфично е тоа што Битола ќе добие еден вид на гасоводна топлификација. Прво ќе се гасифицираат индустриските објекти, а со топлинската енергија од РЕК ќе се снабдуваат 36 јавни институции. Општината веќе го изработи идејниот проект, по што ќе следува тендер за избор на изведувач. Годинава во гасификацијата ќе се вложат 500.000 евра.

    „Пазарот на квалитетни проектанти за гасификација во Македонија е многу ограничен. За жал, една од тие компании пропадна во меѓувреме, ‘Топлификација Скопје‘, па останаа три-четири кои можат да одговорат на предизвикот за изработка на дистрибутивна гасна мрежа. Правиме напори на Техничкиот факултет во Битола, а и во средното техничко училиште да воведеме насоки за гасни техничари и гасни проектанти“, рече Владимир Костурски, задолжен за реализација на гасификацијата во Битола.

    Магистралата преку која ќе се пренесува гасот до Битола е стигната до Битолско. Сепак, попатно има делови каде прво треба да се направи експропријација на земјиште.

    „Магистралниот гасовод по кој треба да пристигне гасот до Битола е пред градот, интензивно го гради државата и до есен ќе биде спремен. Стигнат е до битолското село Карамани, но има делови кои не се реализирани. Во некои делови нема цевки, а има и делови од трасата кои сѐ уште имотно-правно не се решени. Буквално, некаде има прекин во гасоводот од само еден метар“, рече Костурски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари