Во Грција се наоѓа најјужната популација на македонскиот бор односно моликата и сме загрижени дали ќе преживее со вакви климатски промени, рече професорот Филипос Араванопулос од Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Грција. Тој беше дел од тимот на 23 научници и професори кои учествуваа на научниот собир „Промените во структурите на шумите во зависност од климатските промени и природните обновливи процеси“, што се одржа на Пелистер.
Иницијативата за научниот собир беше на Националната установа Национален парк Пелистер од Битола кој зимава се соочијсо големи оштетувања врз моликовите шуми предизвикани од ветерот и снегот.
„Во Грција се соочуваме со слични предизвици со популација на македонски бор (Pinus peuce), за која сме загрижени дали ќе преживее под вакви услови. Ситуацијата е сложена, на пример овие услови може да донесат лесен снег кој се задржува горе на дрвјата, а тие не се адаптирани на такви услови и можат да бидат оштетени. Работиме на генетиката на оваа популација, со цел да ја истражиме нејзината генетска разновидност, која може да игра клучна улога во нејзиниот опстанок“, рече Араванопулос.
Тој додаде дека во соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, работат на предлог-проект во кој Националниот парк Пелистер ќе биде клучен партнер. Во негови рамки ќе се земат примероци од популацијата на моликите, ќе се направи генетска анализа, ќе се соберат податоци за возрасната структура на шумите, број на млади и стари дрвја, ќе се споредат податоците од Грција, Македонија и Србија и ќе се развијат стратегии за превенција и адаптација на шумите на климатските промени.
Директорот на Националниот парк Пелистер, Иванчо Тошевски рече дека ова е првпат по неколку децении да се одржи ваков собир со учество на истакнати научници и од странство кој има за цел изнаоѓање најдобри решенија за заштита на моликовата шума.
„Со овој научен настан започнуваме процес на изработка на стручна студија за состојбата и управувањето со моликовата шума, која ќе биде резултат на соработка помеѓу домашни и меѓународни експерти“, рече Тошевски.
Николчо Велковски, професор од Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ од Скопје рече дека некои од земјите од регионот, иако немаат молика како автохтон вид, поседуваат напредни истражувачки капацитети, лаборатории и институционални механизми, од кои и можеме многу да научиме. За жал, кај нас сè уште недостасуваат такви лаборатории и стручен кадар.
Ж. ЗДРАВКОВСКА