Матка е затрупана во ѓубре и блокирана од коли. Низ патеките кои водат во кањонот Матка стојат расфрлени ќеси, шишиња, хартија и други отпадоци. Корпите за отпадоци се преполни, а ќси полни отпад стојат околу нив. Колите се паркирани секаде, па дури и на патeките кои водат кон кањонот. На диво се наплаќа за паркирање.
Надлежните од Град Скопје и Општина Сарај со години не можат да најдат решение за овој проблем. Градоначалникот на Општина Сарај, Беким Мурати ни изјави дека заедно со Градот работат на изнаоѓање долгорочно решение на овој проблем, но тоа ќе биде реализирано догодина.
„Ние постојано чистиме на Матка, која е доста фрекфентно место, меѓутоа граѓаните се несовесни и фрлаат ѓубре и отпадоци. Имаме и комунални инспектори на терен, но џабе. Знаеме дека проблем има и со паркирањето. Затоа со Градот Скопје заедно работиме на наоѓање решение и резултатите ќе се видат догодина“, вели градоначалникот на Сарај Беким Мурати.
Од Град Скопје пак велат дека одржувањето на комуналниот ред на Матка е во надлежност на општината.
„Град Скопје прави максимални напори да се подобри комуналниот ред, да се подобрат сообраќајните врски со Матка, стимулирање за користење на велосипеди и јавен превоз при доаѓањето на посетителите на кањонот“, рекоа од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА