МЕЧЕТО ТЕДИ КОЕ ЖИВЕЕШЕ ВО КАФЕЗ ВО ШТИП ЗАМИНА НА ЛЕКУВАЊЕ ОД АНКСИОЗНОСТ ВО БУГАРИЈА

    МЕЧЕТО ТЕДИ КОЕ ЖИВЕЕШЕ ВО КАФЕЗ ВО ШТИП ЗАМИНА НА ЛЕКУВАЊЕ ОД АНКСИОЗНОСТ ВО БУГАРИЈАСега мечето Теди во резерватот Белица во Бугарија ќе живее на површина од 150.000 метри квадратни и ќе ги има сите услови за благосостојба. (Фото: СДК.МК)

    Мечето Теди кое три и пол години живееше во кафез од два метрa во штипскиот Зоо парк, утрово замина на ресоцијализација во резерватот Белица, Бугарија. Поради лошите услови за живот во Зоо паркот во Штип, мечето е анксиозно, со повреди на шепите од тесниот кафез со жици и добива тикови.

    За лошите условите во кои живееше досега, пред една година дозна активистката за заштита на животните Тина Мицковска, која преку меѓународни здруженија за заштита на животни успеа да обезбеди трансфер на Теди во Бугарија.

    „По фотографиите кои ми ги испратија совесни граѓани, отидов таму, а потоа мојот апел за спас на мечето преку социјалните мрежи стигна и до познатата светска организација за заштита на животните ‘Четири шепи‘. Тие ме исконтактираа на Фејсбук и заедно ја започнавме борбата за одземање на мечето, бидејќи имаше и лица кои се противеа на тоа. За среќа, со помош на директорот од скопската Зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски, тогашниот градоначалник на Штип Благој Бочварски, Министерството за животна средина и Агенцијата за храна и ветеринарство успеавме да го спасиме Теди. Сега ќе има нов дом во ‘Паркот на танцувачките мечки‘ во Белица- резерват финансиран од фондацијата на Брижит Бардо и ‘Четири шепи’. Таму Теди ќе живее на површина од 150.000 метри квадратни и конечно ќе ги има сите услови за благосостојба, наместо тесниот кафез кој го имаше во Штип“, вели активистката и портпаролка на скопската Зоолошка градина Тина Мицковска.

    Вработените во ЗОО паркот во Штип не даваа мечето Теди да оди на ресоцијализација, велејќи дека  не е точно оти Теди живее во тесен кафез и нема соодветни услови, туку се сомневаат дека некој сака да тргува со мечето.

    Токму приказната за тажната судбина на Теди беше повод за Министерството за животна средина заедно со уште неколку невладини организации и Зоолошка градина да почнат да работат на основање прв Спасителен центар за диви животни во нашата држава, каде што ќе може да им се помогне на многу животни кои биле жртви на криволовство, нелегална трговија, чување во нехумани услови и повреди нанесени од луѓе.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира