МЕЧКА ВЛЕГЛА ВО ДВОР ВО СЕЛО ДОБРОШТЕ И ГО ОПУСТОШИЛА ПЧЕЛАРНИКОТ, ГИ БИРАЛА И ОТВOРАЛА САМО САНДАЦИТЕ ШТО ИМАЛЕ НАЈМНОГУ МЕД

    МЕЧКА ВЛЕГЛА ВО ДВОР ВО СЕЛО ДОБРОШТЕ И ГО ОПУСТОШИЛА ПЧЕЛАРНИКОТ, ГИ БИРАЛА И ОТВOРАЛА САМО САНДАЦИТЕ ШТО ИМАЛЕ НАЈМНОГУ МЕДСтојче Синадиновски во дворот нашол расфрлани рамки со мед, а во пчеларникот бил направен лом. (Фото: СДК.МК)

    Во дворот од семејната куќа на Стојче Синадиновски од тетовското село Доброште влегла мечка, успеала да се префрли преку ѕид висок два метра, поминала покрај неговата куќа и отишла право кај пчелите. Целосно уништила шест сандаци со пчели, два ги оштетила и си заминала без никој да ја забележи. Утрото, околу 5 часот, кога излегол од куќата бил запрепастен од глетката. Насекаде биле расфрлани рамки со мед, а во пчеларникот бил направен лом.

    „Не можев да им поверувам на очите од тоа што го видов. Шест сандаци беа целосно уништени, рамките со саќе и мед насекаде расфрлани, некои најдов на десетина метри од пчеларникот, си ги зела мечката и сакала да ги однесе. Веднаш го викнав соседот Благоја, а и тој кога ја виде оваа страшна глетка беше запрепастен. Штетата беше направена, а од мечката ни трага ни глас. Најверојатно дошла рано изутрината околу 3 часот бидејќи јас околу два часот јас отидов до шталата да ги видам кравите, но ништо не забележав“, кажува Синадиновски за оваа необична случка.

    Тој се обидел да утврди како можела мечката да влезе во дворот кој од сите страни е добро ограден.

    „Мојата куќа е на самиот крај од селото, нагоре веќе почнува планината и затоа целиот двор е добро ограден, но тоа не ми помогна многу. Мечката влегла од задната страна на куќата и успеала да се искачи на ѕидот кој е висок околу 2 метра. И сега уште може да се видат влакна од мечката кои се закачиле на една шипка. Кога се префрлила преку ѕидот не отишла во шталата да ги нападне кравите, туку отишла право во предниот дел од куќата каде се сандаците со пчелите. Поминала покрај моето куче, но дали тоа лаело или и тоа се исплашило и се скрило, не знаеме. Ниту јас ниту сопругата не слушнавме лаење на кучето, а и овие нови прозори имаат добра звучна изолација па можеби и не сме го слушнале лаењето. Така мечката поминала под самиот прозорец од куќата и дошла во предниот двор каде е пчеларникот. Овде повторно успеала да ја премине металната ограда со која е ограден пчеларникот и да влезе внатре, а и таа е висока најмалку еден и пол метар. После видов дека две дебели метални шипки се извиткани, кога се префрлала преку оградата“, кажува Синадиновски.

    Но, тоа што е најзачудувачко во грабежот што го направила мечката, е тоа што ги искршила и го изела медот само во оние сандаци во кои имало најмногу мед, додека другите ги оставила.

    „Кога малку се прибрав и се смирив погледнав што беља ми направила мечката. Ме зачуди едно нешто, како можеше да ги отвори најубавите сандаци, тие што беа најполни со мед. Тука во дворот имам околу 50 сандаци, но таа отишла токму кај тие што имаат најмногу мед. После, кога дојдоа да направат увид, еден од инспекторите ми кажа дека мечката знае да процени кој сандак има најмногу мед. Таа знае првин да го подигне сандакот и според тежината да процени колку има мед во него. Тогаш забележав дека имаше неколку сандаци, за кои знаев дека се послаби, беа само поместени но не и отворени, значи навистина пробувала кој сандак е најтежок. А оние шест сандаци кои ги отворила целосно ги искршила, го изела медот, ги потепала пчелите и матицата, ги растурила рамките, па дури и однела со себе неколку рамки мед, бидејќи најдовме парчиња саќе по патот каде се движела. За жал, ми направила голема штета“, вели Синадиновски.

    Мечката влегла од задната страна на куќата и успеала да се искачи на ѕидот кој е висок околу 2 метра. И сега уште може да се видат влакна од мечката кои се закачиле на една шипка. (Фото: СДК.МК)

    Случајот го пријавил по што дошла инспекција и направила записник со проценка на направената штета и сега тој  треба по судска постапка да добие обесштетување. Но, ваквиот упад на мечката не го оставила мирен. Се плашел дека таа може повторно да дојде па почнал секоја вечер да стражари покрај пчеларникот.

    „Цела недела спиев надвор во дворот во џипот чекајќи дали пак ќе се појави мечката. И навистина после неколку денови пак дојде, но сега се појави на влезната портата од напред. Се исправи до горе со намера пак да влезе во дворот. Јас почнав не цел глас да викам по неа, а таа само ме погледна, мирно се спушти од вратата и замина по патот надолу во селото. Мечката беше многу голема. Дали мене така ми се пристори од стравот или навистина така беше, ама очите и беа црвени, чиниш си ги обоил со боја. Јас многу сум бил во планина, било со овци или така на прошетка, еднаш сум се сретнал на неколку метри со мечка, но таа веднаш побегна, но ова што таа вечер го видов беше многу пострашно“, вели Синадиновски.

    Мечките и порано правеле ваква штета влегувајќи во пчеларниците, па затоа пчеларите од Доброште, тие што имаат пчеларници над селото, сега поставуваат електрична ограда која е ефикасна заштита од мечките, па и Синадиновски вели дека и тој деновиве ќе постави таква ограда.

    Мечките во овој дел од планината во последниве неколку години многу се намножија и сè почесто од планината доаѓаат до селото. Неодамна, една мечка беше усмртена од удар на автомобил додека се движела по патот Тетово-Јажинце и тоа кај село Доброште.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира