Меѓународен тим археолози ќе го истражува струшкиот подвoден локалитет Врбник. Стручните лица од Швајцарија, Германија и Полска ќе вршат палео-ботаничка анализа на праисториската наколна населба за да се утврди какви биле начинот на живот и исхраната во тоа време. Истражувањата ќе почнат од 5 јуни и ќе траат еден месец.
„Има остатоци од семиња во културолошките слоеви и тие одредуваат со што се хранело населението во тој период“, вели археологот Валентина Тодороска.
Наодите од локалитетот Врбник ќе се презентираат во јавност.
„Го одбравме 21 јуни, Денот на Охридското Езеро, така што не само стручната, туку и пошироката јавност ќе има прилика да се запознае со работата и резултатите. Има можност и со дишник и маска да се види локалитетот“, вели Тодороска.
Археолозите сметаат дека Врбник може да биде нова туристичка атракција, но потребни се добра промоција и презентација пред домашната и меѓународната јавност.
Првата фаза од проектот се реализираше минатата година, кога беше потврдено дека Врбник датира од раното железно време. Беше пронајден богат археолошки материјал, како керамика, садови, разновидни бронзени предмети и накит. На движниот материјал имало траги од горење, што укажува дека населбата прекинала да постои по голем пожар.
Праисториската наколна населба меѓу Струга и Калишта, која се наоѓа на 200 мeтри од брегот, е откриена во 1980-ите од страна на локални рибари. Има 500 колци и документиран е простор од 500 квадратни метри. Првите истражувања почнале пред 23 години.
С. ВРЕНЦОВСКА