МЕРКО СТАВИЛ ДИРЕКТОРКА НА УЧИЛИШТЕ ВО ВЕЛЕШТА СО ФАЛСИФИКУВАНА ДИПЛОМА, НЕМАЛА НИ СЕРТИФИКАТ ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИК НИТУ ПЕТ ГОДИНИ РАБОТНО ИСКУСТВО, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    МЕРКО СТАВИЛ ДИРЕКТОРКА НА УЧИЛИШТЕ ВО ВЕЛЕШТА СО ФАЛСИФИКУВАНА ДИПЛОМА, НЕМАЛА НИ СЕРТИФИКАТ ЗА АНГЛИСКИ ЈАЗИК НИТУ ПЕТ ГОДИНИ РАБОТНО ИСКУСТВО, ТВРДИ ОБВИНИТЕЛСТВОТОМерко кажа дека не се чувствува виновен за делото за коешто се товари, дека незаконски назначувал директори во училиштата. (Фото: СДК.МК)

    Денеска во Основниот суд во Струга, се водеа две судски постапки против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за незаконско поставување на директори во основни училишта. Постапката за трите предмети кои се споени, за Подгорци, Лабуништа и ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга, се одложи оти не дојдоа сведоците.

    Во судскиот процес за училиштето во Велешта има повеќе обвинети, кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“. Обвинетите Рамиз Мерко, Егзона Шеи, Дритан Каба и Ваит Жута пред Судот кажаа дека не чуствуваат вина за делата за кои се товарат.

    Денешното рочиште помина во тензична атмосфера со распит на сведоци.

    „Согласно законот за кривична постапка морам да приговарам при вкрстените испрашувања ако бранителот на обвинетиот поставува директно прашање. Сведокот беше повикан само за кривично-правниот настан, а не да ја објаснува процедурата за договорите што ги има склучено обвинетата со ОУ ‘Зини Хани’ во Велешта. Ако немавме доволно докази немаше да се поднесе обвинението“, изјави обвинителот, Џемал Лога.

    Според обвинението директорката на училиштето Егзона Шеи се сомничи дека ја фалсификувала дипломата.

    Сведокот Наташа Пинтоска-Беќароска, од Државниот просветен инспекторат, кажа дека повеќе пати биле извршени редовни и вонредни инспекциски надзори во училиштето. Имало наоди за неправилности во работењето. Рече дека било утврдено дека именуваната директорка на школото не ги исполнува условите за в.д. директорка оти немала уверение за положен испит, не поседувала сертификат за познавање на англиски јазик и немала 5 години работно искуство што е спротивно на Законот за основно образование.

    По нејзиното именување за в. д. директор, градоначалникот не донел одлука за распишување јавен оглас за избор на директор со што Шеи неосновано била вршител на должност два мандата. Инспекторот доставил известување до градоначалникот за понатамошно постапување, но и известување до министерот за образование и наука за да го запознае со состојбата во училиштето.

    Обвинетата Егзона Шеи претходно била вработена со средно образование. Во договорот за вработување од 31. 08. 2018 година стои дека таа е апсолвент и се вработува како приправник. Во Фондот за пензиско има 4 години и 8 месеци работно искуство како наставничка по различни предмети, со што не била соодветна и не ги исполнувала условите за работа како наставничка.

    Адвокатот на Мерко смета дека врз основа на досега изведените докази кои се од листата на на обвинителството може да се заклучи дека сѐ уште не е завршена со решение постапката за надзор од Државниот просветен инспекторат, што е согласно Законот за просветна инспекција.

    „Овој факт само се потврди од исказот на испитаниот сведок од Државниот просветен инспекторат. Па така, уште во оваа фаза од постапката може да се констатира дека се поведува кривична постапка против обвинетите во услови кога не е завршена постапката за надзор која во најлош случај може да заврши со прекршочна одговорност доколку се утврди вина кај евентуалните сторители на прекршок. Во понатамошниот тек од постапката, наредните докази само ќе го зацврстат ова наше тврдење“, смета бранителот на Мерко.

    Судијата Јордан Јованов има мандат до септември, а ако не му биде продолжен, постапката ќе започне од почеток.

    „Мојот мандат истекува на 5 септември но се надевам дека има можност да биде продолжен затоа што овде секако има предмети коишто треба да се завршат. Најдобро би било тој што ги почнал и да ги заврши и затоа јас исто така ќе се обратам за да имаме континуитет во предметите. Доколку продолжам, и овој и другиот предмет, секако ќе добијат приоритет“, вели судијата Јованов.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира